ВМРО-ДПМНЕ очекува до крајот на јануари, до кога е отворен јавниот повик за пријавување кандидати за шеф на државата, да се пријават и други во трката за наследник на Ѓорѓе Иванов, откако во барабанот на палатата Христо Татарчев влегоа кандидатурите на пратеникот Влатко Ѓорчев и на уште еден кандидат чие име не ѝ е познато на јавноста.
На прашање на Плусинфо дали ВМРО-ДПМНЕ ќе му даде поддршка на младиот и амбициозен кандидат за претседател Влатко Ѓорчев, лидерот Христијан Мицкоски сѐ уште не даде одговор.
Портпаролот на партијата Наум Стоилковски вели дека во интерес на демократската процедура и според одлуката на Централниот комитет на партијата, донесена на последната седница одржана на 22 декември 2018 година и врз основа на партискиот Статут, сите кандидати кои ги исполнуваат условите и кои се пријавиле на јавниот повик, ќе имаат еднакво право да ги презентираат своите план и програма пред партијата. Конечната одлука ќе ја донесат делегатите на партиската Конвенција на 16 февурари во Струга.