Македонија

Ахмети загрижен дека против ДУИ се создава „хибриден политичко-економски центар“, па го собрал раководството на партијата

Ахмети загрижен дека против ДУИ се создава „хибриден политичко-економски центар“, па го собрал раководството на партијата

Највисокиот партиски орган на ДУИ – Генералниот совет одржал состанок на која се разговарало за актуелната политичка состојба во државата, но и во партијата откако членови на ДУИ се соочија со скандали во низа.

dobivaj vesti na viber

Претседателот на партијата, Али Ахмети кој претседавал со Советот, изразил загриженост од како што се наведува во соопштението, „создавање на хибриден политичко-економски центар против ДУИ“.

Во партиското соопштение не се елаборира што сакал со ова да каже Ахмети, но наведуваат дека Ахмети ја повторил посветеноста на партијата кон демократските принципи и нејзината решеност да продолжи да работи во насока на унапредување на системските вредности и стандарди во Северна Македонија.

Ахмети и Генералниот совет, како што се наведува во соопштението, го осудуваат и нападот врз првиот вицепремиер Артан Груби, карактеризирајќи го палењето на возилото кое официјално се води на име на сосед на Груби – како напад врз ДУИ.

Генералниот совет на ДУИ донел и одлука за како што велат, зајакнување на раководството на партијата. Оттука за нов потпретседател на ДУИ бил назначен Бујар Османи како континуирано посветен член на партијата. Собранието назначило и тројца нови членови на претседателството на местото на „Огнената група“ кои ја напуштија ДУИ. Новоименувани членови се Беким Незири, Илир Хасани и Арта Билали.

На состанокот се разговарало и за европската перспектива и уставните измени, информираат од ДУИ.

Партискиот состанок на ДУИ доаѓа по низа скандали и потреси во и околу партијата. Имено, пред неколку дена доскорешниот функционер на ДУИ Изет Меџити ја напушти партијата и почна активности за формирање нова партија. На Меџити му се приклучија пратениците Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, како и поранешниот заменик-министер за одбрана Башким Хасани.

Претходно, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој е високопозициониран член на ДУИ беше ставен на американската црна листа поради висока корупција и влијанија врз судството.

Истовремено, во јавноста силно одекнаа брзото напредување на двата внука на Али Ахмети – Бесијан, кој за нецели два месеца напредуваше во МНР до советник во амбасадата во Брисел, и помладиот Дрин, кој на само 23-годишна возраст го купи трговскиот центар „Соравија“ за непозната сума пари.

Завчера вечерта, пак, беше запален автомобил на вицепремиерот и висок партиски функционер на ДУИ, Артан Груби за кој Груби вели дека е на неговиот сосед но ОЈО денеска отвори истрага и побара од Антикорупциска информација дали има промени во имотнот список на Груби.

Макфакс

На почеток