Македонија

Костовски: Измените на Уставот се историска одлука со која се унапредува Уставот

Костовски: Измените на Уставот се историска одлука со која се унапредува Уставот

Пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски, во денешното обраќање во Собранието на Комисијата за уставни прашања посочи дека измените на Уставот се историска одлука со која се унапредува Уставот и не се загрозува ниту едно идентитетско прашање, а истовремено овие измени се забрзува процесот за членство во ЕУ.

Костовски истакна дека СДСМ и парламентарното мнозинство не се плашат од предизвиците што носат придобивки за граѓаните.

„СДСМ е политичка партија која не прави компромис со стратешките интереси на државата. Одлуката, која е пред нас, е тешка, но државничка одлука, која носи прогрес и просперитет. Како владејачко мнозинство не се плашиме од предизвиците што носат бенефит за граѓаните, тоа многупати досега на дело го имаме покажано, така ќе биде и сега“, истакна Костовски.

Костовски се осврна и на лицемерството на пратениците од ДПМНЕ.

„Лесно е да велиш дека не го поддржуваш договорот од Преспа, а да гласаш Северна Македонија да биде членка на НАТО. Лесно е да бојкотираш референдум и да глумиш патриот, а со самото гласање Северна Македонија да биде членка на НАТО директно го прифаќаш референдумското прашање.

Лесно е со шпекулации да будиш чувства кои задираат до секој Македонец за македонскиот јазик, а да не дојдеш да гласаш ниту за договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ. Лесно е со лаги да зборуваш за наводна бугаризација и асимилација, а да не дојдеш да гласаш за заклучоците за преговарачката рамка, каде што целосно се заштитени македонскиот јазик и македонската посебност во ЕУ или, пак, да не гласаш за законот за унапредување на македонскиот јазик.

Со прст да не мрднеш, а не, пак, да лобираш или да го поздравиш тоа што германскиот Бундестаг донесе резолуција за македонскиот јазик, идентитет и култура и дополнително тоа да го маргинализираш како небитно, исто така е лесно. Лесно е, ама не е фер. Не е фер за македонските граѓани. Не е фер да им ја крадеш иднината на македонските граѓани за мали, ситни, бедни политички поени и борба за власт“, посочи Костовски.

На крајот, пратеникот Костовски повика на обединување за стратешката цел – полноправно членство во ЕУ.

„Ајде да се обединиме за иднината на земјата со глас за Европа во македонското Собрание. Секој што ѝ мисли добро на државата, кој му мисли добро на сопствениот народ, ќе даде поддршка на уставните измени и со тоа ќе ја обезбеди европската иднина. Конечно, секој од нас треба да презеде одговорност и по реализацијата на членството во НАТО, да ја оствариме уште една стратешка цел поставена уште од Денот на независноста – полноправно членство во ЕУ“, повика Костовски.

Макфакс

На почеток