Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција информираше за уште еден како што рече, скандал со амин на СДС и одобрување од страна на Бујар Османи.
Според него, тивко се кријат 4 милиони долари пари што и припаѓаат на Македонија и на Македонците.
Информира дека апартманот на Тито на Парк Авенија во Њујорк бил продаден пред повеќе од една година. Во процесот на сукцесија односно поделба на имотот на сите 6 републики од бившата држава, на Република Македонија и припаднаа, како што појасни тој, 4 милиони американски долари од оваа продажба.
3,4 милиони долари веќе се префрлени на сметката на Постојаната мисија на Македонија при ОН уште минатата есен, додека останатите 600.000 се очекуваат секој момент да се вратат на Македонија.
„Според информациите, амбасадорот Љубомир Фрчкоски и покрај неколку инструкции од МНР, една во декември, а другата во јуни годинава, парите да ги префрли во буџетот на државата, тоа одбива да го направи и ги држи на сметката од Мисијата.
Па прашуваме:
1. Какви инструкции има амбасадорот Фрчкоски за трошење на државните 4 милиони долари?
2. Дали овие пари се планирани за купување на имот и потенцијална матна зделка?
3. Зошто Ковачевски молчи кога најверојатно е информиран за сето ова?
4. И на крај, дали транзицискиот професор и политичар смета дека може да присвои пари од оние што се на граѓаните на Македонија како што тоа било во пракса во 90-тите години?“, истакна Стоилковски.
Го повика Бујар Османи веднаш и без размислување да си поднесе оставка. Ги повика истражните органи во државата веднаш да побараат објаснување зошто 4 милиони долари не се вратени во Буџетот на Македонија.
„Го охрабруваме Ковачевски да и каже на македонската јавност што знае за оваа сума на пари и зошто до сега не преземал ништо“, праша Стоилковски.
Макфакс