Поради обилните врнежи од дожд, кои од четвртокот вечерта предизвикуваат непријатности во некои делови на Словенија, бројни противпожарни единици се на работа цела ноќ. Според податоците на словенечката управа за заштита и спасување, во последните 12 часа се регистрирани повеќе од 1000 несреќи, а на помош пристигнале пожарникари од 168 противпожарни служби. Луѓето мораа да бидат евакуирани од три кампови. На некои места во Штаерска се огласија сирените за предупредување поради опасност од поплави, пренесува „Дело“.
Словенечката агенција за животна средина (Арсо) поради продолжените врнежи кои ќе предизвикаат натамошно издигнување и излевање на потоците издаде црвено предупредување за североисточна, северозападна и централна Словенија, кое важи до денеска на полноќ.
Пожарникарите во текот на ноќта претежно црпеле вода од поплавените објекти, заштитиле неколку одрони, отстранувале отпад од под мостовите и спасувале потопени возила од поплавените коловози, се вели во извештајот на Управата за заштита и спасување на Република Словенија.
Некои места се отсечени од светот поради лавините, изјавија надлежните. Во текот на денот се очекува поголемо излевање на реките.
Многу патишта се затворени поради последиците од невремето, поплавите, наноси од песок и кал и одрони.
Се молат граѓаните да ги напуштат домовите само во итни случаи.
„А доколку треба да патувате, направете го тоа внимателно, следејќи ги упатствата на интервентните тимови на терен. Ситуацијата се менува, се очекуваат дополнителни врнежи, затоа следете ги локалните медиуми преку кои ќе се обидеме редовно да ве информираме“, поттикнуваат локалните медиуми.
makfax.com.mk