Мал концертен клавир на покојниот фронтмен на „Квин“, Фреди Меркјури, беше претставен како централен дел на претстојната аукција во „Сотби“ во Лондон.
Купен во 1975 година и увезен во Англија од Јапонија, клавирот „Јамаха“ (Yamaha G2) се проценува дека ќе достигне цена помеѓу 2-3 милиони фунти кога ќе биде ставен на продажба во септември.
Тоа беше инструментот што го користеше за да ја компонира култната песна „Боемска рапсодија“ истата година.
Инструментот, наводно, патувал од стан до стан заедно со ѕвездата на „Квин“, до неговото последно почивалиште во Гарден Лоџ во западен Лондон. Во тој стан клавирот имаше почесно место, на сончева светлина во дневната соба на музичарот.
Неговата блиска пријателка Мери Остин се грижи за ретките предмети, вклучително и рачно напишани стихови, уметнички слики и други вредни дела од неговиот дом во Гарден Лоџ, откако тој почина во 1991 година.
Предметите за првпат ќе бидат јавно изложени на изложба во „Сотби“, повеќето од нив ќе се продаваат на аукција во септември, а цените ќе се движат од 40 до неколку милиони фунти.
Меѓу предметите за продажба се и неговата круна и кралска мантија, кои ги носеше на последна турнеја со „Квин“ во 1986 година. Проценети се на 60.000-80.000 фунти. Рачно напишаните стихови на песната We Are The Champions се проценети на 200.000-300.000 фунти.
Макфакс