Како и секое лето, така и ова, депонијата во Буково гори и шири токсичен чад до Ресен, Преспа, Охрид и сите т.н. воздушни бањи стануваат токсични. Ова го посочија еко-активистите од „O2 Иницијатива“. Како што велат, од чадот се добива нагон на повраќање.
„Од Центарот за јавно здравје во Охрид издадоа апел за граѓаните и туристите, да внимаваат и ако почуствуваат мирис на чад во утринските часови и навечер, да ги затворат прозорците, да останат во своите домови и да избегнуваат директно вдишување.
Решавањето на овој проблем оди преспоро, изградбата на регионалната депонија во Новаци треба да започне дури во 2024, а кога ќе заврши кој знае. До тогаш Буково ќе гори и сите места во околината ќе се трујат во најдиректна смисла на овој збор“, велат од „O2 Иницијатива“.
И денеска продолжија напорите за гаснење на пожарот на депонија „Буково“, каде што се исфрла комуналниот отпад од Охрид.
Непријатната миризба се чувствува во градот, кој е во екот на својата туристичка сезона, а граѓаните се жалат дека градот мириса неподносливо.
Макфакс