Во текот на изминатото деноноќие (5-6 Август), територијата на Македонија беше зафатена од интензивни метеролошки процеси, што покрај другото резултираа и со наврната значителна количина на дожд, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според утринската информација од УХМР (06 август), најголема количина на дожд има наврнато во источниот и југоисточниот дел на земјава, во Берово се измерени 31 литар на метар квадратен, 26 во Штип, 22 во Ѓуриште, 16 во Струмица. Исто така значителни количини дожд на м2 се измерени и во Скопската котлина (19 л), Тетово 17, додека во централниот дел најголеми количини на дожд се измерени во Демир Капија 21 л, а најмалку во регионот на Гевгелија и Дорјан (3 л).
Оваа промена на времето во однос на состојбата со шумските пожари и пожарите на отворен простор која што беше актуелна во изминатите неколку дена ќе биде добредојдена, бидејќи ќе влијае на намалување на сите параметри кои го сочинуваат вкупниот индекс на ризик од пожари, пред се, сувоста на вегетацијата, температурата на воздухот, влагата на воздухот, вегетацијата и акумулираната биомаса на површинскиот почвен слој.
Според информациите од Македонскиот информативен систем за шумски пожари (МКФФИС – http://mkffis.cuk.gov.mk/), вренежите од дожд значитело придонесоа за намалување на вредностите на сувост на вегетацијата.
Картата на сувост на вегетација (Wegetation Drynes map) која во МКФФИС се генерира врз основа на сателитски измерени параметри, вредноста на индексот за сувост на вегетацијата, за 06.08.2023 година, доминантно е со ниска вредност, со мали показатели за средно и високо ниво на мали подрачја.
Што се однесува до Индексот за шумски пожари кој што се базира на основа на измерените вредности од Автоматските метеоролошки станици при УХМР (температура на воздух, влага, ветер и врнежи), покажува “просечно” ниво за северо-западниот, западниот и југо-западниот дел од Републиката, додека со индекс на “високо” ниво е покриен централниот, јужниот и источниот дел од Републиката.
Оваа состојба укажува на потребата од понатамошна континуирана подготвеност и будност на сите субјекти од Системот за управување со кризи, бидејќи врнежите значително го ублажија интензитетот на пожарите од изминатите денови, но ризикот од пожари ќе биде актуелен и во текот на август, бидејќи според метеоролошките прогнози, се најавува стабилизирање на времето и повторно зголемување на температурите.
Заради сето ова Центарот за управување со кризи ќе продолжи со интензивна меѓуресорска комуникација и координација со сите релевантни чинитили од локално и национално ниво, со крајна цел во текот на оваа сезона на пожари, последиците и штетите да се сведат на најниско можно ниво, велат од ЦУК.
Макфакс