Скопје

(ВИДЕО) Премиерот Заев на свечената академија посветена на Свети Сава

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев вечерва присуствуваше и се обрати на свечената академија посветена на празникот Свети Сава. Пред присутните високи преставници од Република Србија, Босна и Херцеговина, како и од Република Српска, Премиерот Заев истакна дека му претставува особена чест што е дел од академијата посветена на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ, Свети Сава.

Во продолжение, Ви го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на Премиерот Зоран Заев.

„Честа не е само заради тоа што имам прилика да се обратам пред припадниците на српската заедница во Република Македонија, како и пред угледните гости од Република Србија и Република Српска на оваа свеченост, туку и заради тоа што делото на Свети Сава инспирира и осум века после неговата смрт.

Само да ги наредите активностите на овој свет човек ќе биде доволно за да ја препознаете неговата големина: Втемелувач на самостојната српска православна црква и нејзин прв архиепископ, основач на царската лавра во манастирот Хиландар на Света Гора Атоска, просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони во државата српска, молитвен застапник на сите кои преку него побарале помош од Бога, посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи.

Со еден збор, може да се каже дека Свети Сава е духовник и образец на кој се угледуваат припадниците на српскиот народ кога во својата духовна зрелост ја избираат матрицата за својот личен карактер, а со тоа и карактерот на народот на кој му припаѓаат.

И не само на Српскиот народ. Неговата величина изникна од неговите корени и припадност на славната српска царска лоза Немањиќ. Но неговото дело, и особено неговата саможртва да се откаже од земските блага и права кои му припаѓаа по род, и да го прифати православното христијанство и Христос како негов личен живот, определба и делување, направија Свети Сава да им припаѓа на сите Христијани, без разлика на тоа во кои државни граници живеат. Затоа што тој така им приоѓаше на сите – како кон свои браќа, а не како странец кон странци.

Затоа кога зборуваме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме нашата определба, определбата на граѓаните на Република Македонија, да градиме и негуваме општество еднакво за сите.

Општество на различните граѓани, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики – токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво.

Во тоа наше заедништво што се градеше со векови, со свој значаен придонес учествува и српската заедница во Република Македонија, која тоа го прави угледувајки се на големиот светител Свети Сава.

Големата љубов што како силна светлина се излевала од овој свет човек ја чувствуваа сите народи кои тој ги посетувал за време на неговите патешествија и мисии. Свети Сава оставил длабоки траги и почит за неговата љубов, дело и лик, и затоа ден-денеска во голем број православни цркви се слави неговото име и светост, и се изградени црковни храмови и манастири во негова чест.

Во историјата на човештвото ретки се таквите подвизи каков што е подвигот на Свети Сава.

Уште на 20 годишна возраст нему му беше даден дар да препознае дека за човекот е најважно, пред сè, да изгради и да ја сочува чиста – својата душа!

Тој беше убеден дека само како личност изградена според образот на Господов, тој, како и секој друг човек, ќе бидат подготвени да ги остваруваат земските подвизи за доброто на сите и да управуваат доблесно според земските закони.

Заради тоа, од длабочината на неговата вера и ревносна посветеност на православниот христијански етос и подвиг, доаѓаат и неговите бележити и вековити остварувања во државничките и правните работи, во дипломатијата, неговото наследство во образованието, во медицината.

Бесмртното дело на духовникот и светителот Свети Сава, е темелот на кој се издига традицијата, културата и вредностите на народот на кој му припаѓа и кој со право го прифати и слави како духовен родител.

Вечно е неговото име, и вечна е неговата слава, што ја одбележуваме на денешниот ден“.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток