Во текот на изминатите денови (25, 26 и 27.01.2018 година) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 25 сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди, 11 сообраќaјни незгоди со телесни повреди и 12 со материјална штета. Во сообраќајните незгоди две лица се здобиле со тешки телесни повреди и 22 лица се здобиле со телесни повреди.
Од преземените мерки и активности констатирано е дека 91 возач управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 90 возачи од кои: 38 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 44 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и осум возачи затоа што биле возачи-почетници.
Исто така исклучени од сообраќај се и 27 возила бидејќи 26 биле нерегистрирани, а едно возило поради претовар. Санкционирани се 20 возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, пет возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, еден поради неправилно престројување, еден возач поради неправилно престигнување, 15 поради непоседување пропишана зимска опрема, шест возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 15 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило.
Во однос на пешаците санкционирани се пет пешаци поради поминување на коловоз вон пешачки премин. Издадени се 114 мандатни платни налози и 71 возило се подигнати со специјално возило “пајак”.