Откако дијабетичарите не добија ленти, игли сензори и апарати за мерење на шеќер во крвта, а иако остварија средба со министерот за здравство Фатмир Меџити на која добија уверувања дека ќе се набават потребните работи, се огласи Министерството за здравство и вели иако тужбите не се решение, доколку ги има да бидат насочени кон претходното раководство.
„Министерството за здравство во целост ги разбира Здруженијата на дијабетичари со кои е во постојан контакт. Апсолутно сме на иста страна во овој случај и даваме максимални напори да ги корегираме пропустите на претходното раководство на Министерството за здравство, кое задоцнило со сите процедури и не ги следело препораките на Комисијата навремено да започне со постапкте. Од првиот ден министерот д-р Фатмир Меџити е во комуникација со Здруженијата и пациентите и транспарентно ги посочи наследените проблеми и причините за пролонгирање на набавките. Здруженијата на почеток од следната недела ќе бидат повикани повторно на средба и уште еднаш заеднички ќе се разговара за состојбата и ќе бидат информирани за процедурите кои течат во моментот за набавка на потребната терапија. Тужби не се решение ниту има потреба од нив затоа што министерството е партнер со здруженијата, но ако тие веќе решиле да тужат, тоа треба да биде насочено кон претходното раководство кое ги создаде проблемите кои денес се труди министерството да ги надмине“, велат од Министерството.
Оттаму апелираат за воздржаност и разбирање, бидејќи се прави апсолутно се што е во моќ на министерството, запазувајќи ги правните процедури и рокови од кои едноставно не може да се отстапи.
Од Министерството за здравство претходно беше ветено дека дијабетичарите ќе ја добијат потребната терапија до крајот на јули, но тоа не се случи.
Макфакс