Коментари

Ковачки до Спасовски: Од дури 440 фатени дилери, зарем ниту еден не призна кои се главните

Во борбата против недозволена трговија со дрога, резултатите во првото полугодие од 2023 година се:372 кривични дела, кривично пријавени 440 сторители, зголемување на заплените на кокаин, амфетамин и екстази: 286 кг марихуана, 7кг амфетамин, 3 кг кокаин и 3. 532 парчиња екстази, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На социјалните мрежи во врска со ова реагираше Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

„На последното промотивно видео на Министерот за внатрешни, истиот тврди дека пријавил 440 сторители – дилери на дрога.
Исто како и за промотивното видео за корупцијата, така и овде, не е важно колку сте пријавиле, туку која е разрешницата – за колку од нив ќе има обвинение и за колку од тие обвиненија ќе има пресуди. На сите ни е јасен одговорот.
Од овде, се поставуваат неколку прашања:
1. Од дури 440 фатени дилери, зарем ниту еден не призна кои се главните, односно кој е главниот за шверцот и дистрибуција на дрогата по улиците, кафе-баровите, дискотеките, хотелите итн.? Пак ли ситни риби ќе одговараат (ако одговараат)?
2. Зошто после 8 години буквално владеење со Министерството за внатрешни, Спасовски сега се сети дека треба да расчистува со дрогата (чистки за превласт?)
3. Колку од пријавените сторители – учесници во дилерство и криење на криминалот, се полициски службеници или вработени во МВР и на кои позиции?
4. Се откри ли “кртот” во врвот на МВР за кој јавно проговори поранешната ЈОГОКК Вилма Русковска, т.е. кој оддава(ше) информации на криминалните банди?
Заклучокот е јасен:
МВР под ова раководство е мртво ткиво и е полно со поединци кои функцијата наместо во државни цели, ја користат за лично богатење и бенефиции на сметка на здравјето на македонската младина.
Поради неспособноста и инволвираноста на поединци на различни позиции во МВР во шверцот со дрога и неговото прикривање, секоја година бројот на нерасветлени убиства по улиците се зголемува.
Доколку сакаме напредок на државата, покрај во правосудниот систем, и во МВР мора да се спроведе целосна демонтажа на криминогените и коруптивни елементи“, вели Ковачки.

На почеток