Македонија се соочува со најголемиот скандал во својата самостојност, вели Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, скандалот поврзан со злоупотребата на цитостатици и терапија на клиниката за Онкологија е мегаскандал.
„Пред две години ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека на Клиниката за онкологија има сомнителни постапки поврзани со терапијата и лекувањето на пациентите. Власта на СДС и Ковачевски тогаш премолчи. Пред 6 месеци медиумите исто така пишуваа за злоупотреби, кражби и препродавање на терапијата наменета за пациентите, и тогаш власта на Ковачевски и СДС премолчи. Во целиот тој период пациентите, наместо да добиваат терапија, според сведоштва и натписи, добивале физиолошки раствор или им било кажувано дека има недостиг на лекови, а скапи цитостатици биле земани и препродавани по илјадници евра ампула на црниот пазар како тука во Македонија така и во странство“, посочи Лефков.
Секој криминал, како што вели тој, има име и презиме.
„Ковачевски како премиер е лично одговорен за именување двајца министри за здравство, кои според член 12 од Законот за Владата, покрај раководење со Министерството, се обврзани да ја следат работата и се одговорни за спроведувањето на законите и другите прописи. Иако во извештаите на ДЗР се нотирани набавки на лекови на реверс без формирана цена, нотирано е пречекорување на буџетот, ненаплатени долгови, пропусти при набавка на биолошка терапија, лошо планирање на системот за приклучување пациенти на терапијата, иако ревизијата покажала дека Клиниката нема пишана процедура за тоа како се прима, издава, троши и евидентира резервата на лекови и медицински потрошен материјал и многубројни други недостатоци, Владата на Ковачевски не презела ништо“, истакна Лефков.
Ова за него е скандал со монструозни размери и тој траел цели две-три години.
„Да потсетиме, во 2016 бил воведен таканаречен КАТО-систем за водење евиденција на терапијата и лековите на онколошката клиника, но веднаш по промената на власта, новиот кадар на СДС поставен за директор, Нино Васев, без образложение го исклучил системот за да може да се води целата постапка крајно матно, која гледаме како завршила. Буџетската дупка на Клиниката се зголемувала, терапијата исчезнувала, Васев бил сменет, но затоа неговиот партнер во менаџирањето, Нехад Нухи од ДУИ, останал на позицијата на економски директор, со цел ‘работењето’ на Клиниката да има континуитет.
Со овој скандал најбрутално се погазени човековите права и вредности во здравствената заштита.
Во согласност со член 30 од Законот за Владата:
1. Владата врши надзор над работата на министерствата и другите органи на државната управа и управните организации.
За жал, власта за ова не презела ништо!
Само непостапувањето по извештаите носи директна одговорност на Владата на СДС и ДУИ и на Димитар Ковачевски, и тоа со име и презиме.
Колку животи можеле да бидат спасени доколку власта, наместо со коалициски пазарења, наместо со договарање директорски места, се зафатила со почитување на законот и реагирала навреме?
Владата на СДС И ДУИ и нивните кадри мултикриминално крадат од учебници, крадат од патишта, од државна помош и државни фондови, но крадат и препродаваат терапија од болни од канцер.
Ете толкава несреќа ја зафатило Македонија со оваа власт.
Оставките во овој случај се најмалку што може да направат“, дециден е Лефков.
Макфакс