Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до специјализираното Одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција достави кривична пријава против Г. Ф., И. Х. и Б. Н., полициски службеници во СВР Штип, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело малтретирање во вршење на службата по член 143 ст. 1 од КЗ на РСМ, извести МВР.
„Имено, пријавените во својство на полициски службеници, пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања, на 1.9.2023, во 21 часот, над оштетениот Б. Н., кој бил лишен од слобода и задржан во просториите на СВР Штип, неосновано и прекумерно употребиле физичка сила“, соопшти МВР.
Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе бидат преземени мерки во согласност со одредбите од колективниот договор на МВР.
Макфакс