Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со претставници од Младинското здружение на глуви и наглуви „Млад знак“ и асоцијацијата „Гласни раце“. На средбата се зборуваше за финансиското работење на Националниот сојуз на глувите и наглувите на Република Северна Македонија, како и можностите за нови критериуми за распределување на буџетите, со што ќе им се овозможат повеќе средства на младите за активности. Исто така, беше разговарано и за значењето на толкувачите и ангажирање и обучување нови во согласност со потребите на глувите лица.
Министерката на состанокот истакна дека во периодот што следува ќе се залага за поиновативна програма на Националниот сојуз на глувите и наглувите на Република Северна Македонија. Според неа, програмата треба да содржи активности во согласност со потребите на младите и тие ќе може да овозможат повеќе начини за личен развој. Таа истакна дека во јавност ќе се споделуваат успешни приказни, кои може да бидат мотив за младите глуви и наглуви лица за поголемо општествено вклучување затоа што државата го препознава нивниот потенцијал.
На состанокот особен фокус беше поставен и на знаковниот јазик, кој, според присутните, треба да биде стандардизиран и воедно да бидат достапни што повеќе толкувачи за глувите и наглувите лица, со што ќе се олесни нивното секојдневие.
Макфакс
