Турскиот парламент ќе го исполни ветувањето и ќе ја ратификува шведската кандидатура за НАТО доколку администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден овозможи продажба на американски авиони „Ф16“ на Анкара, најави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавуваат турските медиуми.
Говорејќи пред новинарите на враќање од азербејџанската енклава Нахчиван, Ердоган рече дека министерот за надворешни работи, Хакан Фидан, и американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговарале за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО минатата недела во Њујорк, пренесува „Ројтерс“.
Ердоган изјави дека американската администрација ја поврзува продажбата на борбените авиони „Ф16“ на Турција со ратификацијата на шведската кандидатура од страна на Анкара.
„Ако тие (САД) ги одржат ветувањата, нашиот парламент ќе го одржи ветувањето. Турскиот парламент ќе го има последниот збор за членството на Шведска во НАТО“, нагласи турскиот претседател.
Ердоган најави и дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би можел да ја посети Турција во октомври или ноември додавајќи дека по тоа, ќе ја врати посетата, јавуваат турските медиуми.
Нетанјаху и Ердоган првпат се сретнаа минатата недела на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, а двете регионални сили работат на подобрување на долго затегнатите односи.