Почитувањето и унапредувањето на човековите права и слободи за Владата е приоритет и претставува главниот столб на кој се потпираат донесувањето закони и креирањето политики, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на денешната панел-дискусија со наслов: „Економската цена за исклучување врз основа на сексуалната ориентација, родовиот идентитет и изразување и половите карактеристики на пазарот на трудот во Република Северна Македонија“, организирана од страна на Светската банка, каде што учествуваа и претставници од Делегацијата на ЕУ во земјата, како и граѓанскиот сектор.
„Дискриминацијата на членовите на ЛГБТ+ заедницата не ги повредува само луѓето на индивидуално ниво, туку има негативен ефект и врз нивните семејства, заедницата и пошироко. А со тоа се предизвикува изложеност на општеството како целина на социјална и економска штета. Исклученоста од општеството, дискриминацијата, потиснувањето на капацитетите на еден поединец и обесхрабрувањето на неговата вредност и талентот негативно влијае врз целокупниот систем“, истакна Тренчевска.
Таа повика на активно вклучување на овие лица во општеството доколку сакаме да постигнеме промени и да оствариме напредок, со цел побезбедно и поинклузивно општество, во кое човековите права на сите граѓани вклучително и на ЛГБТИ+ луѓето треба да бидат соодветно заштитени.
„Како ресорно министерство го донесовме Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, во кој првпат како заштитени основи за дискриминација се дефинирани сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Формиравме национално координативно тело за недискриминација и еднаквост, со цел промовирање на концептот за недискриминација и еднакви можности, како и следење на состојбите на ова поле во сите сфери на општественото живеење, а го подготвуваме и законот за родова еднаквост“, истакна Тренчевска.