Македонија

Најстрога казна за сторителот и одговорност од институциите за убиството на жените, бара Националната мрежа против насилството

Најстрога казна за сторителот и одговорност од институциите за убиството на жените, бара Националната мрежа против насилството

Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство бара најстрога казна за сторителите на убиствата врз жените, што се случија изминатиот период во земјата. Од таму бараат и одговорност од институциите за непреземање мерки за заштита на жените.

Се работи за фемициди извршени на свиреп начин, на кои, како што велат од Мрежата, им претходело долгогодишно семејно насилство, кое било пријавувано во полиција. Тоа се случаите во Кичево, каде што жена беше усмртена со 40 убоди од страна на партнерот, претходно во Куманово беше убиена жена од сопругот, а во Гевгелија маж ги уби својот брат и снаата.

Од Мрежата бараат од Основното јавно обвинителство при одредување на висината на казната да ги земе предвид сите околности, односно да не го третира случајот како еднократен инцидент, туку убиство како последица на долгогодишно семејно насилство. Бараат одредување највисока казна за сторителот.

„Понатаму, бараме да се поведе постапка за испитување на одговорноста на службените лица во врска со двата случаја, кои не постапиле навремено и чие непрофесионално работење доведе до смрт на 3 жени. По спроведената постапка за утврдување одговорност, очекуваме службените лица да бидат соодветно санкционирани“, велат од Мрежата.

Непреземањето соодветни мерки од надлежните институции и неправилната или отсуството на имплементација на законите, според Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство, доведува до убиство, односно фемицид како најекстремна форма на насилство врз жените, кој најчесто се извршува од страна на маж, а жртвата е секогаш жена.

Анализата на Националната мрежа покажала дека во периодот од 2017 до 2020 година во Македонија се регистрирани вкупно 22 фемициди. Кај повеќето анализирани случаи убиството било извршено од сегашен или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Во повеќе од 80 % од случаите убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата.

Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019 година, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството што претходи.

На почеток