Македонија

Воспоставена нова авиолинија Скопје – Сараево

Воспоставена нова авиолинија Скопје – Сараево

Со инаугуративниот лет што полета вчера од Меѓународниот аеродром „Скопје“, грчката национална авиокомпанија „Еџијан ерлајнс“ почна со операции меѓу Скопје – Сараево со авион ATR72-600, со три фреквенции неделно.

Авиокомпанијата ќе лета од Скопје до Сараево секои понеделник, среда и петок.

„Задоволни сме што ‘Еџијан“ го зголемува своето присуство на нашиот пазар со воведувањето уште една нова дестинација од Скопје, покрај Атина, а тоа е Сараево. ‘Еџијан’ ќе лета трипати неделно од Скопје до Сараево и со добра конекција со постојната релација Атина – Скопје ќе овозможи непречено патување на Балканот. Веруваме дека оваа нова авиолинија ќе ја задоволи потребата на патниците бргу и удобно да стигнат од Скопје во Сараево за нешто повеќе од еден час наместо копнените видови превоз, кои траат со часови и значат исцрпувачки патувања меѓу двата главни града. Сега луѓето од Сараево може со летот на ‘Еџијан’ да пристигнат во Скопје за речиси еден час и да ги откриваат неговите популарни места за разгледување и културно наследство за време на нивниот одмор во градот или, пак, за време на продолжени рекреативни патувања во земјата“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

„Задоволство ни е да го прославиме денес, со нашите први патници и избрани туристички агенти, отворањето на нашата нова авиолинија од Скопје до Сараево. Со овој нов лет, за кој набргу се надеваме дека ќе стане еден од омилените на патниците, сакаме да ја зголемиме поврзаноста и да го прошириме нашето присуство на балканските простори. Со нашите висококвалитетни услуги сакаме да ја промовираме меѓудржавната мобилност, да го промовираме туризмот и да ги зајакнеме трговските односи не само меѓу двете земји туку и со Грција. Воведувањето на оваа нова авиолинија е и резултат на соработката меѓу ‘Еџијан’  и Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ и би сакал да им се заблагодарам на нашите колеги од ТАВ за одличното партнерство што го имаме. Ќе продолжиме да ја развиваме нашата мрежа и да нудиме нови можности за поврзување во регионот и, се разбира, со нетрпение очекуваме да ве видиме набргу на еден од нашите летови“, изјави Роланд Јаги, главен комерцијален директор на „Еџијан“.

„Наше големо задоволство беше да го пречекаме првиот лет на ‘Еџијан’ од Скопје, кој слета синоќа на Меѓународниот аеродром ‘Сараево’. Особено се радуваме на фактот дека воведувањето на оваа авиолинија беше резултат на заедничката и многу успешна соработка меѓу два аеродрома – скопскиот аеродром, управуван од ‘ТАВ Македонија’, Меѓународниот аеродром ‘Сараево’ и грчката авиокомпанија ‘Еџијан’.

Возбудени сме што ‘Еџијан’ ја препозна важноста и потенцијалот за воспоставување на оваа линија како одлично подобрување на комуникацијата и зајакнување на соработката во областа на економијата и туризмот меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Убеден сум дека соработката меѓу ‘Еџијан’ и Меѓународниот аеродром ‘Сараево’ ќе биде долга и успешна“, изјави Алан Баиќ, директор на Меѓународниот аеродром „Сараево“.

До крајот на октомври времето на полетување од скопскиот аеродром ќе биде во 19 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Сараево во 20.10 часот, а времето на полетување од аеродромот во Сараево ќе биде во 20.50 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Скопје во 21.50 часот. Сличен распоред ќе биде понуден и во текот на зимата 2023/2024.

На почеток