Претставници на холивудските актери, во понеделникот (2 октомври), ги продолжија преговорите со претставници на големите студија, телевизиски мрежи и стриминг-платформи, што е првпат двете страни да се вратат на преговарачка маса од средината на јули.
Обновените преговори меѓу синдикатот на актери САГ-АФТРА и Алијансата на филмските и телевизиските продуценти се случуваат осум дена откако продуцентите склучија посебен договор со холивудските писатели сценаристи, кои почнаа сопствен штрајк на 2 мај, околу 10 недели пред актерите.
„САГ-АФТРА и Алијансата на филмските и ТВ-продуцентите се состанаа на целодневна преговарачка сесија и завршија. Преговорите ќе продолжат в среда“, се наведува во заедничката изјава на двата преговарачки тима.
Во соопштението нема дополнителни детали. Двете страни се согласија да го почитуваат необјавувањето вести за време на разговорите.
Привремениот договор постигнат на 24 септември меѓу продуцентите и Здружението на писателите на Америка (во кое членуваат приближно 11.500 писатели сценаристи) не само што го отвори патот за надминување на нивниот спор три дена подоцна туку може да послужи како образец за решавање на штрајкот на актерите.
САГ-АФТРА, најголемиот холивудски синдикат, кој претставува 160.000 телевизиски и филмски изведувачи, почна штрајк на 14 јули барајќи повисока основна плата и преостанати хонорари од стриминг-ТВ, како и ограничувања за употребата на вештачката интелигенција во забавната индустрија.