Македонија

Фирма во Македонија рекламирала чаеви користејќи лажно имиња на тројца лекари

Фирма во Македонија рекламирала чаеви користејќи лажно имиња на тројца лекари

Скопското Обвинителство до надлежниот суд поднесе предлог за издавање казнен налог против едно физичко лице и фирма, кои се обвинети за злоупотреба на лични податоци, односно рекламирале чаеви притоа лажно користејќи имиња на лекари.

Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во фирмата, во периодот од ноември 2022 до април 2023 година, спротивно на условите утврдени во член 10 и член 96 од Законот за заштита на личните податоци, без согласност на тројцата оштетени лекари, ги користел нивните лични податоци – фотографија, име и презиме за онлајн-продажба на два производа, објави Обвинителството.

Личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите „паразол“ (Parazol) и „хипертеа“ (Hypertea), кои на територијата на државава ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.

„Лажните интервјуа и објавите преземани и споделувани на повеќе веб-страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи што оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконита обработка на личните податоци и директен маркетинг“, наведоа од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител му предложи на судот да ги огласи за виновни и одговорното лице да го казни со единствена парична казна од 70 дневни глоби со висина на дневната глоба од 30 евра во денарска противвредност, а правното лице да го казни со единствена казна од 300.000 денари. Во согласност со предлогот на Обвинителството, обвинетите по пресудата ќе треба да ги надоместат трошоците на постапката, а секој од оштетените лекари ќе има можност во граѓанска постапка да си го оствари своето имотно-правно побарување за нанесената штета со злоупотребата на личните податоци.

На почеток