Скопје

(Видео) Со тротинет се „влепи“ во дрво во Градски парк: несекојдневна несреќа во Скопје

Се почесто, управувачите на електричните тротинети во Скопје, но и Македонија, се предизвикувачи на сообраќајни незгоди. Освен тие кои ги управуваат, со повреди се здобиваат и пешаци, но и случајни минувачи. Во главниот град, ова е едно од најчестите превозни средства.

Дека брзината со која се управува, може да биде проблем, покажува и снимка која е објавена на социјалните мрежи, а направена во Градски парк.

„И овие тротинети не се за потценување“, пишуваше објавувачот под снимката.

Во 2021 година беа донесени и законски одредби кои мора да се почитуваат при управување со електричен тротинет.

Возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци, се пропишува во предложените измени на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, кој е во собраниска процедура и во кој за непочитување на законските одредби се предвидени глоби од 80 до 120 евра.

Ако двајца или повеќе возачи на електричен тротинет се движат во група, се пропишува во измените, тие се должни да се движат еден зад друг.

Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по десната велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот.

На велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, уредени и обележани за сообраќај на електрични тротинети во двете насоки, тие се движат по десната страна во правецот на движењето на возилата.

Возачот на електричен тротинет, се вели понатаму во измените, може да се движи само по оние сообраќајни површини каде што е дозволено движење со такви возила.

Возачот на електричен тротинет не смее да се движи по велосипедска патека, односно лента со брзина поголема од 25 км/ч.

Возачот на електричен тротинет не смее да се движи по тротоар, пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци, со брзина поголема од 6 км/ч.

Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.

Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст.

Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото.

На почеток