Македонија

Другарот на Штекли е изваден од респираторна машина, но останува во болница – не се исклучуваат и нови операции

Се подобрува состојбата на вториот повреден, во пукањето кое се случи во скопскиот трговски центар, Д.Т. викан Колумбо, но останува во болница. Тој имаше посериозни повреди од неговиот другар Раде Трајковски-Штекли, кој е испуштен од болница. Истовремено, по повеќе од една недела, пукањето во скопскиот трговски центар нема разврска – ниту осомничен, ниту уапсени. Директорот на Клиниката за хируршки болести Св.Наум Охридски Скопје, д-р. Љубен Арсенков, за „Скопје1“ вели дека лицето со прекар Колумбо е во добра здравствена состојба и изваден од респираторна машина.

„Тој е веќе буден, не е веќе на респираторна машина. Имаше сериозни повреди, во стомакот и градниот кош, со повеќе повредени органи и направени хируршки интервенции. Сега за сега е стабилен и добар. Се надеваме на добар исход. Дали ќе се наложат и друг интервенции – ќе видиме. Меѓутоа, станува збор за млад човек, буден, контактибилен. Брзо нема да биде испуштен од болница. Не можеме да прогнозираме, но засега состојбата е таа. Ќе треба период на рехабилитација“, вели директорот на болницата, д-р. Љубен Арсенков, субспецијалист по дигестивна хирургија за „Скопје1“.

Трајковски-Штекли, за кого се верува дека е таргетот на лицето кое пукаше и требаше да го ликвидира, е испуштен од Клиниката за торакална хиругија. На социјалните мрежи се споделуваше и фотографија со неговиот лик, а тој насмеан и со повеќе преврски на телото. По вторпат се пукаше во него, како и, по втор пат се спаси од смрт.

Првиот пат, Штекли беше пукан во истиот трговски, на паркинг. Се спаси, влегувајќи во неговиот автомобил и бегајќи. За второто пукање, се шпекулира дека Штекли го видел лицето кое го пукаше, за што му кажал и на Колумбо – но не успеале да избегаат.

На случајот работи скопското Јавно обвинителство. Детали не споделуваат, освен технички детали – дека се собираат докази.

На почеток