Ден пред гласањето за извештајот на Македонија во комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент, европратениците разменија мислења за состојбата во земјата по референдумот за Договорот за името. Неколку тензии се појавија и со грчка европратеничка од Сириза.
Европратениците утре ќе гласаат и за усмен амандман додаден од страна на известувачот, Иво Вајгл по 30 септември кој гласи дека се нотира исходот од референдумот и истакнува дека е потребна дополнителна поддршка за евроатлантската иднина на земјата и ратификацијата на Преспанскиот Договор. Пратениците ќе ја охрабрат Владата да ги преземе сите потребни чекори за почитување на одредбите од договорот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во тој контекст, европратениците потенцираа дека во овој момент не се знае дали во Македонија ќе успее да се најде двотретинско мнозинство за усвојување на Договорот или ќе се оди на предвремени избори. Едвард Кукан, од Европската Народна Партија, порача дека доколку има промени во состојбите во Македонија, содржината ќе може да се адаптира кога извештајот за Македонија ќе се усвојува на пленарна седница на ЕП во ноември.
– Мојата единствена забелешка е дека ако е потребно да се одржат предвремени избори ќе има хаос во земјата долго време, рече Кукан на дебатата за Македонија, додавајќи дека постои сериозна загриженост за земјата.
Тој ја поздрави работата на Иво Вајгл и рече дека ќе го поддржи извештајот.
Известувачот Вајгл посочи дека во Македонија ситуацијата е подобра од претходните години и дека Преспанскиот Договор го вратил оптимизмот во однос на земјата во ЕУ.
Сега, рече тој, „ја барам вашата поддршка за усниот амандман кој го поднесов додека чекаме следните чекори да ги најави македонската Влада“.
– Поентата е да се продолжи да се поддржува приближувањето на земјата кон ЕУ и НАТО доколку таа желба биде изразена од страна на самата држава, рече известувачот.
Европратеникот Кнут Флекенштајн од социјалдемократите изрази надеж дека Преспанскиот Договор нема да стане колатерална штета на можна политичка криза во земјата.
Конзервативецот Чарлс Танок, од своја страна, порача дека без договор со Грција за спорот процесот на придружување на Македонија кон ЕУ ќе стане „академска вежба“.
-Слушаме разни звуци од земјата, кои тешко се читаат, меѓутоа развојот од минатиот викенд покажува дека договорот можеби нема да се материјализира, се зборува за предвремени избори, и, како што кажа специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц, можеби ќе бидат потребни уште 25 години за нов договор ако оваа историска можност помине, рече Танок.