Македонија

Акција „Активни млади, за живот без насилство“: Младите не го пријавуваат врсничкото насилството заради страв и недоверба

Најголем дел од учениците во три струмички училишта знаат што е врсничко насилство, некои од нив биле жртви или сведоци на малтретирање, но не веруваат дека ќе добијат помош и поддршка од наставниците и другиот стручен кадар. Ова го покажа анкетата во која учествуваа 121 ученици од Струмици, спроведена во рамки на акцијата „Активни млади, за живот без насилство“, на Организацијата на жени од Струмица. На дебатата, пак, која беше организирана на крајот од акцијата, младите струмичани заедно со претставници од граѓанскиот сектор и експерти, споделија искуства, дискутираа за состојбата со врсничкото насилство, за последиците од него, за поддршката која им е потребна на жртвите на овој вид насилство, но и за начините како тоа може и треба да се спречи и искорени.

Девојчињата трпат повеќе насилство во споредба со момчињата. Од испитаниците кои одговориле дека биле жртви на врсничко насилство, 8% се девојчиња, 5% се момчиња. Момчињата најчесто се мета на исмејување поради нивниот изглед, додека девојчињата се исмевани и малтретирани, и заради нивниот изгледот, но и заради нивното однесување.

На дебатата во рамки на акцијата имаше и сведоштва за врсничко насилство

Имам доживеано непознати личности да ми се обраќаат со вулгарен речник, со зборови кои можат да создадат траума за некои личности“, сведочи ученик, на што се надоврзува и друг: „Имам доживеано исмејување поради надворешниот изглед, ме навредуваа бидејќи сум дебел“.

Груби навреди, лоши прекари, неприфатеност од соученици, имитирање и исмевање од соученици поради ненамерна грешка. Вакво искуство имаат анкетираните девојчиња кои биле мета на врсничко насилство: „Ме навредуваа бидејќи сум повлечена и сакам да учам“, изјави една од учесничките во анкетата.

Едновремено, младите вклучени во анкетата се изјасниле дека немаат доверба во воспитно-образовниот кадар во струмичките училишта односно не веруваат дека ќе ја добијат потребната помош и поддршка доколку пријават насилство. Најголема доверба за да го пријават врсничкото насилство, учениците од Струмица имаат во родителите.

На завршниот настан, Ивана Трајкова, ученичка од струмичкото средно медицинско училиште, сподели траума како последица од врсничкото насилство: „Уште од глава не ми излегува девојчето кое насолзено влегуваше на часовите бидејќи надвор од училиштето беше навредувана, ја кубеа за коса, ја поттурнуваа. Немаше самодоверба за да може да му каже на своето семејство, но и да пријави во училиштето. Се плашеше. Бев сведок. Сите заедно можеме да го запреме врсничкото насилство. Не е убаво да се прави тоа, а некогаш не сме ни свесни за последиците кои може да ги остави овој вид насилство“.

На дебатата се зборуваше и што е причината за врсничкото насилство

Недоволната едукација, нетолеранцијата, насилните содржини присутни во медиумите и на социјалните мрежи, отсуството на емпатија – се само дел од причините за кои младите сметаат дека се фактори за врсничкото насилство. Дел од нив наведуваат дека домашното воспитување и генерално состојбата во државата се исто така сериозни чинители за се поголемото присутво на врсничко насилство меѓу младите. 

На дебатата, но и во рамки на анкетата, младите не само што ги раскажаа своите искуства, туку споделија и свои препораки за тоа како да се намали врсничкото насилство во училиштата, што беше и целта на оваа акција.

Со јакнење на соработката и довербата меѓу младите-родителите-образовниот кадар, но и преку формална и неоформална едукација, состојбата со врсничкото насилство може да се подобри, сметаат младите. Според нив, потребни се и почести информативно-едукативни кампањи за јакнење на свеста за препознавање на овој вид насилство, но и за штетните последици врз менталното здравје на оноие кои се жртви на овој вид насилство.

Ленче Христова од Организацијата на жени од Струмица, посочи дека од младите можат да се научат многу работи и дека родителите, институциите, граѓанските организации треба да го слушнат и почитуваат нивниот глас. Таа истакна дека во соработка и со учество на младите, и во иднина ќе креираат и спроведуваат активности за борба против врсничкото насилство.

Нам ни дава надеж тоа што младите се охрабруваат и сакаат да бидат дел од вакви активности. Често знаеме вината да ја префрламе врз младите односно да мислиме дека тие се незаинтересирани и дека не сакаат да бидат активни. Напротив. Но, ние, возрасните имаме обврска да го најдеме и поттикнеме вистинскиот начин односно канал на комуникација со младите. Од досегашните активности видовме дека од децата можеме многу да научиме, но само ако внимателно ги слушаме. Мора да научиме да ги сослушаме и да им веруваме. Исто така, мора да бидеме свесни дека секое насилство оставаат големи последици и дека треба заеднички да се бориме против него“, заклучи Христова.

Професорката Борка Дончева, која беше и модераторка на дебатата, потенцираше  дека треба да се работи на едукација не само на младите, туку и на родителите, и наставниот кадар: „Институциите, родителите, педагозите, наставниот кадар – сите ние сме дел од тој круг кој треба биде вклучен во решавањето на овој проблем. Треба да се работи на едукација, за родителите и наставниците да препознаат што е врсничко насилство, да ги препознаат последиците, но и да знаат што и како можат да преземат за заштита на децата, но и за спречување на насилството.“

На завршниот настан на акцијата „Активни млади, за живот без насилство“ му претходеа едукативни настани за врсничкото насилство, наменети за учениците од струмичките училишта.

Овој текст е подготвен со помош на Европската Унија, во рамки на проектот Здружени за активно граѓанство. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

На почеток