Македонија

Зошто обвинителите се жалеле од судијата Лазар Нанев: додека се одлучувало за неговата кариера, се обиде да биде дел и од Судски совет

Однесувањето на судијата и судски претседател Лазар Нанев во судница и пристрасноста кон обвинети од кавадаречкото Обвинителство, се двете поплаки кои ја кренаа правосудната фела на нозе. Обвинителите од Основното јавно обвинителство-Кавадарци, со материјални докази тропнале на вратата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи. Тие ги истакнале нивните сомнежи. Тој, веднаш алармирал кај државниот обвинител, Љубомир Јовески, Судскиот совет, како и во Советот на јавни обвинители. Надлежен за санкционирање е Судскиот совет, а Хајрулахи за „Скопје1“ вели дека не знае дали тие постапиле.

„Како шеф на Вишото јавно обвинителство добив поплаки од шефот на Јавното обвинителство-Кавадарци и тамошните јавни обвинители, а во врска со однесувањето во судница на судијата Лазар Нанев. Поплаките се по однос на сомнежи за пристрасност при работењето во судски постапки, сето тоа поткрепено со материјални докази за поврзаноста на судиите со обвинетите против кои се водела постапката. Обвинителите од Основното јавно обвинителство-Кавадарци тоа го документирале и го доставија до мене како непосредно претпоставен, а со цел да можам да постапувам“, посочува Хајрулахи за „Скопје1“.

Оттука почнува и сагата која трае осум месеци. Хајрулахи во март побарал Судскиот совет да постапи. Јавноста ги слушна нивните внатрешни караници и драми, но не и за исходот од оваа пријава.

„Наводите ги проследив до јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Судски совет, како и до Советот на јавни обвинители. Во март 2023 година, писмено до Судскиот совет побарав да се преиспитаат наводите од известувањата доставени од страна на обвинителите“, додава Хајрулахи за „Скопје1“.

Четири месеци по оваа преставка, со сериозни наводи, Лазар Нанев се обиде да стане и член на Судскиот совет, кој пак, одлучува за иднината на секој судија. Преставката против него е за нестручно работење. Сепак, не беше избран од судиите кои имаа право на глас.

Министерот Кренар Лога го разреши судијата Лазар Нанев од член и претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи.

На почеток