Македонија

(Видео) Година дена наназад пред убиствата на Вања и Панче се подготвувале грабнувања на луѓе, ова треба да нѐ загрижи, укажа Туфегџиќ и побара истражните органи да реагираат

Адвокатот Владимир Туфегџиќ го впери прстот во Обвинителството, оти не реагирале по сведочењата на дел од обвинетите во случајот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, дека грабнувања и убиства се планирале уште пред да се реализираат овие две. Во однос на обвинетиот Александар Ѓорчески, татко на Вања, вели дека и со исказот на обвинетиот Влатко Кешишев, кој рече дека за таткото првпат чул во притвор, се докажува дека тој нема никаква вина.

„Уште еден сведок кажа дека година дена наназад пред случувањата во Скопје и Велес, се подготвувале грабнувања на луѓе и за такви активности кои сите нас треба да нѐ загрижат. Наместо Јавното обвинителство да тргнат во таа насока, ја дефокусираа истрагата со неоснованото обвинвање на Александар, а тоа е поради не поседување на унифицирани стандарди за постапување во ваков случај“, укажа Туфегџиќ.

Тој додаде дека Обвинителството не постапило и по неговите пријави дека во странски држави се објавувале докази од постапката за убиството на Вања, алудирајќи на објавите од српскиот политичар Срѓан Ного.

„Обвинителството не постапи ни по пријавите за тортура, ни по известувањето за објавување на дел од доказниот материјал од странска држава. Не добивме одговори на многу прашања. Се надевам дека ќе преземат нешто“, додаде тој.

На почеток