Спорт

(Видео) Ливерпул поразен во Тулуз, Рома падна во Прага, Брајтон победи во Амстердам

(Видео) Ливерпул поразен во Тулуз, Рома падна во Прага, Брајтон победи во Амстердам

Foto/ EPA

dobivaj vesti na viber

Осум натпревари се одиграа во Лига Европа, во групите А, Е, Ф, Г и Х, во терминот од 18:45. Најголемото изненадување го направи Тулуз со пбедата над Ливерпул (3:2).

Група А

Ајакс – Брајтон 0:2, АЕК – Марсеј (од 21:00 часот)

Очекуван резултат во Амстердам. Во моментов Брајтон е пресилен за холандскиот гигант, кој се наоѓа во длаока криза.

Три бода на англискиот тим му донесоа Ансу Фати во 15. минута и Адингра во 53. минута.

АЕК и Марсеј играат вечерва во Атина.

Брајтон има 7 бода, Марсеј има 5, АЕК има 4, а Ајакс има само 2 бода.

Група Е

Тулуз – Ливерпул 3:2, ЛАСК – Ројал Унион 3:0

Ливерпул „настрада“ во Франција по сопствените грешки и фантастичните транзиции на Тулуз.

Првиот гол домашните го постигнаа во 36. минута, кога Цимикас направи катастрофална грешка во опасната зона, Донум му ја украде топката и десната страна со одличен удар го матираше голманот Келехер.

Тулуз ја удвои предноста во 58. минута, кога нивните играчи со брутален притисок ги натераа на грешка играчите од средниот ред на Ливерпул, топката стигна до Сиера на десното крило, следеше центаршут и прекрасен гол на Далинга, за 2:0.

Јирген Клоп ги „измеша картите“, но во вториот дел мораше на терен да ги испрати Салах, Трент, Собослаи и Дарвин Нуњез, а уругвајскиот напаѓач беше тој го натера Касерес да си постигне авто-гол во 74. минута.

Во 76. минута Тулуз поведе со 3:1, а стрелец по добра тимска акција беше Магри.

Ливерпул не се предаваше, Диого Жота влезе во игра во 81. минута, а во 89. направи одличен соло пробив и со убав удар погоди за 3:2.

Во вториот натпревар од групата ЛАСК победи против белгискиот Ројал Унион во Линц со головите на Хорват во 25. минута од пенал, Таловиерова во 45. и Жуља во 77.

Ливерпул има 9 бода, Тулуз 7, Ројал Унион 4 и ЛАСК 3.

Група Ф

Макаби Хаифа – Виљареал 1:2, Рен – Панатинаикос 3:1

Макаби го пречека Виљареал на неутрален терен во Ларнака, Кипар и поведе со голот на Сек во 32. минута, а Шпанците направија пресврт со головите на Баена во 83. и Серлот во 87. минута.

Рен со играч помалку сосема заслужено славеше во дуелот со Панатинаикос со 3:1. Францускиот тим поведе во деветтата минута преку Рајдер, а потоа во 33. минута остана со играч помалку поради црвениот картон на Белосан. Следеше пенал за ПАО кој Јоанидис го претвори во гол, а во вториот дел рапсодија на Рен со десет играчи. Ибрахим Салах погоди за 2:1 во 65. минута, а Блас од пенал во 70. минута зголеми на 3:1.

Рен води со 9 бодови, Виљареал има 6, ПАО 4, а Макаби 1 бод.

Група Г

Сервет – Шериф 2:1, Славија Прага – Рома 2:0

Жозе Мурињо изведе силен состав во Прага, но Славија ја надигра Рома и заслужено славеше со головите на Јуречка во 50 и Масопуст во 74 минута.

Во директна битка за третото место и Лигата на конференции, молдавскиот Шериф поведе со 1:0 против Сервет. Северин си постигна автогол во 12. минута. Во финишот дојде до пресврт и головите на Рулије во 84. минута и Бедија во 90. минута од пенал.

Славија и Рома имаат по 9, Сервет има 4, а Шериф 1 бод.

Група Х

Карабаг – Баер Леверкузен 0:1, Хакен – Молде (од 21:00 часот)

Карабаг за малку ќе ја сопре „машината“ на Чаби Алонсо, но во 93. минута гостите со гол од пенал кој го реализираше Бонифас победија 0:1 и го обезбедија првото место.

Макфакс

На почеток