Магазин

Објавена студијата „Психофилозофемите во повеќеслојните структури на романите Папокот на светот од Венко Андоновски и Еретички писма од Стефан Марковски“ на Верица Мукоска

Објавена студијата „Психофилозофемите во повеќеслојните структури на романите Папокот на светот од Венко Андоновски и Еретички писма од Стефан Марковски“ на Верица Мукоска

Деновиве од печат излезе книжевно-теориската студија „Психофилозофемите во повеќеслојните структури на романите Папокот на светот од Венко Андоновски и Еретички писма од Стефан Марковски (компаративна анализа)“ на авторката Верица Мукоска.

dobivaj vesti na viber

Со употреба на компаративна методологија, Мукоска на 156 страници ја анализира потребата за воведување на новиот поим психофилозофема, која според истражувањето, произлегува од длабинското испреплетување на психолошките и филозофските компоненти во приказните, но и ликовите во двата романа.

Како што се вели во самото истражување: „Овој труд се обиде да ја демонстрира оправданоста на концептот психофилозофеми кога станува збор за испреплетувањето на психолошките и филозофските компоненти како кај комплексно изградените ликови, така и во рамки на повеќеслојните приказни. Тоа е остварено преку воведувањето сложени заплети во приказните, умешни детализации и развојот на сугестивни хронотопи, при што се овозможува смел и успешен продор во психата на ликовите, вклучувајќи ги и ликовите кои не се главни. Изборот на овие два романа е заради нивната погодност за иследување на еден таков нов концепт кој се втемелува врз присуството на филозофски елементи и развиените психолошки конституции на ликовите за кои се врзани нивните филозофски светопоимања, а кои се книжевно остварени и кои се книжевно можни како такви токму заради нивната испреплетеност во рамки на повеќеслојноста на ниво на приказна, но и на ниво на ликови. Истражувањето ги зеде предвид тековите на приказните во рамките на двете централни наративни линии кои, една во однос на друга конвергираат кон судирот меѓу материјалната наспроти идејната реалност што преминува во хармонија или пак, кулминира преку љубовта. Во таа смисла се изградени и врските со себеси и светот – љубовта наспроти егзистенцијалните вредности и неопходности. Љубовта се етаблира како централна тема преку која се утилизираат некои од „алатките“ на егзистенцијалистичката филозофија: чувство на отуѓеност, пронаоѓање на себеси и сопствена слобода. […] Напорите при пишувањето на овој труд беа вкоренети во надежта дека овој тип компаративни проучувања на повеќеслојни книжевни дела од современата македонска литература чиишто автори припаѓаат на поновите, а сепак различни творечки генерации може да инспирираат натамошни интердисциплинарни проучувања низ призма на психологијата и филозофијата, нужни за проникнување во барем еден позначаен сегмент од таа повеќеслојност, која се рефлектира како на ниво на изградбата на приказната, така и во изградбата на самите ликови кои учествуваат во таа изградба.“

Проф. д-р Кристина Николовска, автор на рецензијата кон студијата, пишува: „Конкретен научно-истражувачки фокус на ова сериозно и студиозно истражување е филозофемата која спаѓа во вредности (или оценки), а тие спаѓаат во индиции, според моделот на Ролан Барт. Оттаму Мукоска, преку длабинска анализа, има можност да ги идентификува, дефинира, анализира и толкува филозофемите како вредности (според Барт). Според тој модел псхизмите и филозофемите спаѓаат во индиции, што значи во класата на единици кои се на страна на ликот и описите. Индициите припаѓаат кон „полот“ на описот, а не на дејството. Тие се главен агенс, мотор или движечка сила на ликот, размислувањата на ликот, филозофскиот универзум на ликот, ставовите, но и емотивниот свет, чувствата.

Делото „Психофилозофемите во повеќеслојните структури на романите Папокот на светот од Венко Андоновски и Еретички писма од Стефан Марковски (компаративна анализа)“ од Верица Мукоска е релевантна научна студија која ги проучува филозофско-психолошките дискурси во овие две дела и низ валидни аргументи покажува и докажува дека ентитетот психофилозофеми е вистински клуч, разгатка за можно растолкување на суштинските процеси во делата. Со тоа психофилозофемите, во нашиот контекст имаат студиозен, акрибичен и аргументиран научен третман како важен, еден од стожерните ентитети на делото. Тоа значи дека не може да се расплете суштината на делото, не може да се изоди патот кон планината и сознанието, патот кон папокот на светот, доколку не се навлезе во срцевината на психофилозофемите. […] Потрагата по смислата на убавината, смислата на животот, смислата на смислата, смислата на бесмислата и обесмислувањето – се само дел од брилијантните љубопитства на авторите Андоновски и Марковски, љубопитства кои тие им ги доверуваат на своите ликови, а ликовите – нам. Тој синџир е – сјаен, инспиративен, еминентно психо-филозофски по својот зафат, но и по природа, суштина и по идеја. Потрагата на ликовите – е и наша мисија. Во која неуморно откриваме и преоткриваме слоеви и слоеви на значења и значења.“

На почеток