Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска оствари средба со делегација од Меѓународниот монетарен фонд, предводена од шефот на Мисијата на ММФ за Република Северна Македонија, Жак Минијан, новиот шеф на Мисијата за Република Северна Македонија, Анет Кубе, алтернативниот извршен директор на Мисијата, Лук Дресе.
Досегашната соработка на Република Северна Македонија со ММФ беше во фокусот на денешната средба, каде што заеднички беа потврдени заложбите на двете страни соработката да продолжи и во иднина.
Премиерот Ковачевски во име на Владата се заблагодари што ММФ ги препознава и поддржува владините економски политики и за континуираната поддршка на земјата, со која оваа меѓународна финансиска институција има значителен придонес во зајакнувањето на политиките и усогласувањето на правните и регулаторните рамки со стандардите на ЕУ, што е клучно во процесот на пристапување на земјата кон европското семејство.
Премиерот Ковачевски истакна дека главна определба на Владата на среден рок е постигнување одржлив економски развој, фискална консолидација и спроведување на структурните реформи. Тој потенцира дека само стабилни јавни финансии може да обезбедат долгорочен раст и развој на земјата, подобрување на животниот стандард на граѓаните, што е клучно државата да се движи напред на патот на евроинтеграциите.
На средбата заеднички беше констатирано дека ММФ ќе ги поддржи заложбите на Владата за понатамошно намалување на буџетскиот дефицит, борбата против инфлацијата, заштитата на финансиската стабилност, подобрувањето на животниот стандард со зголемување на инвестициите, растот на продуктивноста и забрзувањето на зелената транзиција.
Средбата беше одржана по завршување на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјата за членот IV во Република Северна Македонија.
Овие мисии се одржуваат еднаш годишно во рамките на кои се скенира макроекономската рамка, како и управувањето со фискалната и монетарната политика.