Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изрази загриженост поради исезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Турција.
– Се надевам дека се ќе се среди. Во моментов никој не знае ништо. Се шират лоши гласини. Тоа не ми се допаѓа, изјави Трамп.
Претходно, американскиот сенатор Линдзи Греам ја предупреди Саудиска Арабија дека ако информациите за наводното убиство на новинарот се покажат како точни, тоа ќе има „разурнувачки“ последици врз односите меѓу Вашингтон и Ријад.
Саудискиот новинар Кашоги исчезна на 2 октомври, откако дошол во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул поради обезбедување документи кои му биле потребни за склучување брак. Од тогаш му се губи секаква трага.
Турските власти обвинувааат дека Кашоги најверојатно бил убиен во Конзулатот и подоцна неговото тело било изнесено од зградата и однесено на непозната локација.
– Полицијата во своите први заклучоци смета дека новинарот бил убиен во Конзулатот од група што дошла во Истанбул со таква намера и се вратила истиот ден, наведе полициски извор.
Саудиска Арабија од своја страна ги отфрла ваквите обвинувања, тврдејќи дека Кашоги го напуштил Конзулатот жив и здрав.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вчера изјави дека Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул треба да докаже дека Кашоги ја напуштил зградата.
– Тие имаат многу камери… ако го напуштил местото, зошто тоа не го докажат, изјави Ердоган.
За разлика од Турција, САД и другите саудиски сојузници засега се повнимателни во своите изјави и се воздржуваат од поостри коментари на сметка на властите во Ријад.
Кашоги, кој живее во егзил во САД, е долгогодишен новинар. Тој во моментов е ангажиран во „Вашингтон пост“ и е познат по критичките текстови за саудиските власти. Во неговите текстови тој ја критикуваше Саудиска Арабија и поради војната со Јемен и спорот со Канада.
Тој е познат по интервјуата со поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен и патувањата со него во периодот од 1987 до 1995 година. На почетокот на 90-те години на минатиот век дури се обидувал да го убеди Бин Ладен да се смири со кралското семејство на Саудиска Арабија и да се врати во својата татковина, но тој одбил