Америка во извештајот со црната листа: Рашковски наводно примил поткуп за бизнисмен да има средба со премиерот Заев


Имињата на експремиерот Зоран Заев и ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, се најдоа во извештајот на Американското Министерство за финансии, со кој на црна листа се ставени компании на Камчев, неговата мајка Ратка Куноска-Камчева, како и бизнисменот Сергеј Самсоненко. Во делот за Црна Гора, каде се објаснува зошто црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ е ставен на оваа листа, пишува дека бил вмешан и во скандалот кој довел до апсење на Рашковски, кого го опишуваат како прв човек на експремиерот Заев. Притоа се споменува и средба Давидовиќ-Заев.
„Миодраг „Дака“ Давидовиќ (Давидовиќ) со децении перел пари за криминални синдикати, зајакнувајќи го своето влијание и вршејќи го својот криминален потфат на шверц со цигари, нафта и оружје во Црна Гора. Неговите коруптивни активности ги овозможија напорите на Русија да ја компромитира независноста на демократските институции и судството во земјата, вклучително и нејзините напори да влијае на изборните резултати. Тој беше вмешан и во скандалот што доведе до апсење на генералниот секретар на Владата на Северна Македонија, Драги Рашковски, главен човек на поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев. Рашковски наводно примил поткуп од Давидовиќ за да има средба со премиерот Заев, за да ги унапреди бизнис интересите на Давидовиќ. Од 1991 до 1992 година, Давидовиќ беше министер за трговија во владата на самопрогласениот Српски автономен регион (ДЗР) на БиХ“, пишува во известувањето за јавноста од Американското Министерство за финансии.
Потоа, по објаснувањето за средбите Заев-Давидовиќ, но и Рашковски со неговото апсење, се посочува дека црногорскиот бизнисмен е соучесник и вмешан во корупција на Западен Балкан.
„Давидовиќ е назначен согласно Е.О. 14033 за одговорност или соучесник во, или директно или индиректно вмешан во корупција поврзана со Западен Балкан, вклучително и корупција од, во име, или на друг начин поврзан со влада на Западен Балкан, или актуелен или поранешен владин функционер на кое било ниво на власт во Западен Балкан, како што е злоупотреба на јавниот имот, експропријација на приватни средства за лична корист или политички цели или поткуп. Дополнително, Давидовиќ е означен како одговорен, или соучесник, или директно или индиректно вклучен во акции или политики кои го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан“, додава Американското Министерство за финансии.
Со истиот извештај рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, како и Ратка Камчева, мајката на бизнисменот Орце Камчев, се најдоа на т.н. црна листа. Како резултат на означувањето, целиот имот и интереси на овие лица во САД или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани. Забранети се сите трансакции на лица од САД со овие лица или нивни имот и интереси.
