Нема ни страв ни казна за социопатите што малтретираат и убиваат животни, а нема ни крај на страдањето на животните во Македонија, велат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.
„Во една од најурбаните и најфрекфентни населби во Скопје, Ново Лисиче, во парк, кој секогаш е полн со луѓе, деца, човек мртов ладен колеше и закла зајак. И покрај реакциите на некои поединци, животното е убиено од психопат, кој мртов ладен дојде со нож и обезглави живо битие. Најверојатно, се работи за миленик, кој имал повредена нога, па така наместо на ветеринар, заврши без глава“, се истакнува во нивната реакција.
Ова, според нив, е резултат на моралната бездна во која се наоѓа Македонија, игнорирањето на страдањата на животните, неказнивоста на социопатите и насилниците, неспособноста и инертноста на институциите, смешните казни што се предвидени со Кривичниот закон и со Законот за заштита и благосостојба на животните, кои и како такви не се спроведуваат.
„Ова е резултат на игнорирањата на барањата на здруженијата за заштита на животни за сериозно зголемување на кривичните казни и конечни измени на Законот за заштита на животните. 15 години од кога постоиме, еден одговорен функционер не се најде да ја сфати сериозната на насилството врз животните како девијација, која неминовно води до поголеми насилства и кривични дела, се реперкуира на целото општество и систем, да види еднаш и се запраша што воопшто бараат од ‘Анима мунди’ – нашите предлог-измени на закони, иницијативи, барања аргументи, куп пишани документи се доставувани кај сите и очигледно се фрлени во канта или се заглавени во фиока. Затоа и живееме во држава во каква што живееме, во која хуманост, ред и правда се мисловни именки.
Бараме итно да се истражи овој настан, да се лоцира сторителот и да се стави зад решетки“, се наведува во реакцијата.