Денеска на аеродромот во Сараево е уапсен маж осомничен за тероризам, потврди Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) без да го открие неговиот идентитет, но медиумите јавуваат дека станува збор за Аднан Ќатиќ, кој претходно се борел во редовите на терористичка организација Исламска држава (ИСИЛ).
Од СИПА наведуваат дека апсењето е извршено во соработка со Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА), поради сомнение за сторени кривични дела организирање терористичка група и незаконско формирање и приклучување кон странски паравоени или параполициски организации.
Порталот Дневни аваза објави дека станува збор за Ќатиќ, поранешен припадник на радикалната исламистичка заедница чиј штаб бил во Горња Маоча кај Брчко.
Тие наведуваат дека бил припадник на ИСИЛ, односно дека се борел во редовите на исламистичките терористи во Сирија. По поразот на ИСИЛ, тој успеал да побегне од таа земја во Турција, а во саботата од Истанбул полетал за Сараево, каде бил уапсен.
Ќатиќ заминал во Сирија во 2013 година, исто така со лет од Сараево преку Истанбул.
По кривичната постапка од страна на полицијата, тој ќе биде предаден на Обвинителството на БиХ и ќе се соочи со обвинение, односно судење за тероризам. Досега пред Судот на Босна и Херцеговина за вакви кривични дела се осудени 28 лица.
Властите во Босна и Херцеговина собрале податоци според кои меѓу 250 и 300 луѓе заминале во Сирија и Ирак меѓу 2012 и 2016 година и им се приклучиле на тамошните исламистички терористички организации.
По поразот на ИСИЛ, досега во земјата се вратиле 62 возрасни и 22 деца.