Македонија

Мајката на исчезнатата Вања со апел: Ве молам, не ширете дезинформации, не помагаат во пронаоѓањето

Низа коментари, теории на заговор, дезинформации беа објавени на социјалните мрежи по исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Мајката, Зорица Ѓорчевска, упати апел до сите, со цел, да не се одмага на истрагата и потрагата по девојчето. Таа дел од вечерта ја поминала во полициската станица „Беко“ од каде се координираат активностите за пронаоѓање.

„Би сакала многу да се заблагодарам до Министерството за внатрешни работи кое несебично е на терен и доцна вечерва, за да се пронајде моето малолетно дете. Ве молам, не ширете дезинформации, не помагаат во пронаоѓањето“, напиша мајката на социјалните мрежи.

Во потрагата, вклучени се и роднини и пријатели. Досега, нема траг од девојчето. Полицијата извршила претрес и во домот, каде е пребаран и компјутерот, а отворени се и пораките кои Вања ги разменувала. Во нив, според мајката, немало ништо сомнително. На распит се повикани и другарите на Вања, а во потрагата вклучени се нивните родители. Полицијата работи на сите можни теории, поврзани со тоа каде би можела да биде и што би можело да се случи со 14-годишното девојче.

„Како родители мислиме само на најлошто. Надлежните ни велат дека досега не памтат сличен ваков случај“, додава Ѓорчевска.

Официјалните информации од мајката која зборуваше за „Скопје1“ се дека Вања немала конфликт со родителите, од дома излегла насмеана, по 20 минути и јавиле дека не се појавила во училиштето кое било на мала оддалеченост. Последно е видена во Дебар Маало, по што, и се губи секој траг. Мајката Зорица, за „Скопје1“ посочи дека немаат нарушени односи со таткото на Вања, заедно трагаат по неа. Таа го опиша своето дете, како личност која никогаш не би избегала, бидејќи како што рече: „таа не е таква“.

Од МВР веќе посочија дека работат на пронаоѓање. Вчера, беа мобилизирани сите екипи од Секторот за внатрешни работи-Скопје. Земени се снимки од камери на околни објекти по трасата која Вања ја одела, но и од градските камери поставени по раскрсници и улици.

Вања е 14-годишна ученичка во деветто оделенение. Телефонот и е исклучен од 7:34 минути вчера (понеделник), а последен пат е видена во Дебар Маало. Девојчето било облечено во црни пантолони со странични џебови, светло плав џемпер, црна кратка зимска јакна и бели „најк“ патики со кафеава лента.

Проверен е компјутерот и пораките на Вања, мајката во шок – пријатели и роднини вклучени во потрагата

На почеток