Скопје

(Видео) Се очекуваше хаотично Скопје, добивме празно: на улиците без гужви, околу салата хеликоптер

Иако се очекуваше сообраќаен хаос, скопските булевари се празни. Од утрово, речиси и да ништо не укажува дека во Скопје се одржува Самитот на ОБСЕ, кој од светските медиуми е карактеризиран како клучен и историски, бидејќи на него ќе се одлучува за иднината на организацијата. Блокирани се дел од улиците и булеварите, а на останатите, го нема вообичаениот сообраќај. Единствен знак дека нешто се случува е надлетувањето на хеликоптерот, кој постојано кружи над салата „Борис Трајковски“. Овој настан е од висок безбедносен ризик поради 70-те делегации од цел свет кои престојуваат во Македонија. Тоа пак, повлекува невообичаено обезбедување на целиот град.

„Илинденска“ е затворена на потегот од „Сити мол“ до Влада. Исто така, за сообраќај не е достапен и булеварот „8 септември“ од „Партизанска“ до „Момин поток“. На останатите сообраќајници, сообраќајот е вообичаен, без гужви.

Сите кои патуваат со јавен превоз, треба да знаат дека дел од автобусите возат по изменети рути. Линиите 8 и 15А од мостот „Гоце Делчев“, наместо по булевар „Илинден“, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“. Линиите 7, 15, 19, 26, 29 и 59 наместо на крајните терминали во Карпош 3 и Карпош 4, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“, па десно по улица „Никола Парапунов“ (стара телевизија) каде не чекаат време, туку веднаш ќе продолжуваат десно по булевар „Илинден“, па десно по улица „Љубљанска“, па со лево свртување ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“. Линии 18, 21А и 118 од булевар „Крсте Петков Мисирков“ ќе продолжуваат право кон Бит пазар, потоа по булевар „Никола Карев“ (Пластичарска улица) и од кај Момин поток ќе продолжуваат по сопствените редовни траси до крајните стојалишта.

На почеток