Свет

Во Словенија на места снег од речиси два метра, делови од Европа зафатени од снежна бура

Во Словенија на места снег од речиси два метра, делови од Европа зафатени од снежна бура

Снежното невреме и денеска предизвикува проблеми низ Европа.

dobivaj vesti na viber

Обилниот снег на северот на Англија ги принуди возачите да останат во своите автомобили во текот на ноќта, а повеќе од 2.500 домаќинства останаа без струја.

Камиони останаа заглавени во снегот, блокирајќи ги автопатиштата и многу возачи мораа да најдат сместување на нивната рута или да спијат во своите возила, пренесува АП.

Училиштата, црквите и извидничките кампови беа користени за да се обезбеди итно засолниште за спасените патници.

 

Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство издаде предупредување за мраз за поголемиот дел од северен и централен Велс, северна Англија и источна Шкотска.

Аеродромот во Минхен повторно отворен со ограничувања, откажани 560 летови

Авиосообраќајот утрово е обновен на аеродромот во Минхен, но во значително намален обем.

Поради обилните снежни врнежи што вчера ја зафатија јужна Германија, летовите на аеродромот во Минхен беа прекинати до утрово, а авионите беа пренасочени кон аеродромите во Нирнберг и Франкфурт.

Прекини имаше и во железничкиот сообраќај.

Аеродромот во Минхен повторно беше отворен во утринските часови, но околу 560 од 880 планирани летови се откажани, изјави портпаролот на овој аеродром, пренесуваат германските медиуми.

На патниците им се препорачува да се распрашаат за нивниот лет пред да се упатат кон аеродромот.

Холандија: Поради снег откажани десетици летови од Амстердам

Десетина летови од аеродромот Шипхол во Амстердам денеска се откажани поради снегот најавен во попладневните часови во Холандија, соопшти управата на аеродромот.

На веб-страницата на аеродромот Шипхол беше објавено дека се откажуваат речиси 150 влезни и појдовни летови, пренесува Ројтерс.

Холандската авиокомпанија KLM, главниот корисник на аеродромот Шипхол, потврди за холандската новинска агенција АНП дека откажала 65 европски летови закажани за попладнево и навечер.

Снежна покривка до 180 сантиметри во Словенија

Снежното невреме во текот на ноќта и утринава предизвика проблеми низ Словенија, а најмногу снег има во Кредарица кај Триглав, каде наврнаа метар и пол снег, па сега дебелината на снежната покривка на тоа место е 180 сантиметри.

Како што јави словенечката новинска агенција СТА, поради снег на некои патишта има делумен прекин на сообраќајот, а поради невремето затворена е и делницата од автопатот од Приморска до Љубљана,.

Големо количество снег падна и во делови од централна Словенија.

За расчистување на паднатите дрвја од коловозите испратени се вкупно 17 противпожарни единици.

Во главниот град Љубљана висината на снежната покривка е четири сантиметри.

Снег и во Хрватска

Невреме пропратено со мраз и снег вчера ги зафати областа Загреб и Нови Винодолски, поплави ги погодија Огулин и Риека, а пијавици се регистрирани кај Лошињ.

Пороен дожд пропратен со грмежи и ветер попладнето наврна во Загреб, додека мраз има и во околината на градот, јавуваат хрватските медиуми. Во меѓувреме падна снег.

На планините сè уште паѓа снег, а на сила е жолтото метео предупредување. Портокалово и црвено предупредување е во сила во северниот дел на Јадранот поради ветровите со урагански сили.

На почеток