Вања е убиена по скоро три часа откако е киднапирана, истите лица се осомничени и за убиството на велешкиот фризер
Исти лица стојат зад убиствата на исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски кој имаше 74 години, објави Обвинителството. Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“. Според обвинителот, сите осомничени се Македонци. Вања беше исчезната од понеделникот (27 ноември), додека Панче од средата (22 ноември). Еден од осомничените е надвор од Македонија.
Според тајминзите кои во јавност ги кажа мајката Зорица Ѓорчевска, девојчето излегло од дома. Полицијата посочува дека било земено од пред зградата, а било убиено во 10 часот. Извори на „Скопје1“ посочуваат дека телото на Вања е најдено во скопско село.
„Исто така, од реализираните оперативни мерки е утврдено дека малолетничката В.Ѓ. е земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот“, велат од Обвинителството.
Телата се на обдукција.
„Увид на двете локации каде беа пронајдени телата на исчезнатите денеска извршија јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство Велес. Издадени се наредби за обдукции на телата на жртвите и за соодветна идентификација. Исто така, издадени се наредби за прибирање и вештачење на сите траги и докази од двете локации“, велат од Обвинителството.
Оттаму сооптшија и детали како течела акцијата за пронаоѓањето.
„Веднаш по добивањето на пријавите за исчезнатите лица, преземени се мерки и активности за нивно пронаоѓање, а во СВР Скопје беше формиран и посебен Оперативен штаб, на чело со началникот на СВР Скопје. Извршени се претреси во домови и други простории на подрачјата на СВР Скопје, СВР Велес и СВР Штип, при што пронајдени и одземени се мобилни телефони, компјутери, возило и др., извршени се бројни разговори со семејствата, познаниците, пријателите и лица кои би можеле да имаат било каква информација, а во истражните дејства секојдневно беа вклучени неколку стотини полициски службеници кои работеа исклучиво на овие случаи“, додаваат од Обвинителството.
Во деновите по исчезнувањето на двете лица, јавните обвинители издадоа наредби за претреси на повеќе локации, обезбедување снимки од видео надзор, лоцирање врз основа на базни станици, анализа и вештачења на електронските уреди, вештачења на материјални траги и докази, вклучително и автомобилот поврзани со настанот. Сослушани се лица кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот и врз основа на сите прибрани докази настанот е расчистен во однос на осомничените сторители и нивните мотиви. По комплетирање на доказите и наредените вештачења, обвинителството против сите осомничени ќе поведе соодветна постапка.
Воедно, наспроти шпекулациите и дезинформациите според кои овој случај има етничка заднина, информираме дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.