Македонија

МАИ: Министерството за култура да го ревидира и списокот на прифатени проекти

Македонската асоцијација на издавачите (МАИ) реагира на годинешната распределба на проекти и средства преку Програмата за издавачка дејност и смета дека оваа одлука, исто како и минатата година, придонесува за влошување на состојбите во издаваштвото и обезвреднувањето на работата на издавачите, авторите, преведувачите и другите професионалци во областа.

„Годишнава програма ја оспоруваме од повеќе причини, и тоа:

1) Внесување нов систем на „бодување“ кој е паушално применуван, без унифицираност и вистинска основаност;

2)Намалување на буџетите за реализација во голем број случаи во однос на минати години, како и постоење на двојни стандарди за одредување на износот со кој проектот е поддржан, што посебно ќе се одрази во делот за авторски хонорар;

3) Отсуство на почит кон етаблираните издавачки куќи, нивното портфолио, досегашно искуство, број на ангажирани лица, сите аспекти кои гарантираат квалитетна реализација и пласман на поддржаните книги – преку нивно изедначување со новоформирани фирми;

4) Поддршка на проекти кои воопшто не можат да бидат сметани за литературни, а не пак за литература со високи вредности, што е еден одглавните критериуми на овој Конкурс;

5) Уривање на дигнитетот на авторот преку доделување на рекордно ниски средства за реализација. Наместо да расте од година в година, посебно во делот за оригинални книжевни дела, се деградира и се распределува без постоење на какви било параметри.

Како издавачи, бараме Министерството за култура, покрај најавеното ревидирање на отфрлените проекти, да го ревидира и списокот на прифатени проекти и одново, на транспарентен начин да направи нова распределба. Притоа, бараме Министерството да ја има во прв план целта да ја унапреди издавачката дејност и книжевната продукција во Македонија преку поддршка на проекти што навистина ќе придонесат за тоа, а особено да го почитува дигнитетот на авторите и нивните дела, без разлика на кој јазик творат“, велат од Македонската асоцијација на издавачите.

На почеток