Свет

Израел и САД ги отфрлија повиците за прекин на огнот во Газа: „Тоа ја зајакнува контролата на Хамас“

Израел и САД ги отфрлија повиците за прекин на огнот во Газа: „Тоа ја зајакнува контролата на Хамас“

Израел и САД денеска на седницата на Советот за безбедност на ОН ги отфрлија повиците за итен прекин на огнот во Газа, јави Би-Би-Си. Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, категорично ги отфрли повиците за прекин на огнот. Тој пред Советот за безбедност на ОН рече дека „прекинот на огнот само ја зајакнува контролата на Хамас врз Газа“ и испраќа порака дека „на Хамас му е простено за неговите намерни злосторства“.

dobivaj vesti na viber

Тој исто така рече дека „угнетувањето на населението во Газа од страна на Хамас“ добило „зелено светло на меѓународната заедница“. Ердан додаде дека „без воен притисок врз Хамас, ниту една дипломатија не може да гарантира ослободување на заложниците“. Американскиот претставник Роберт Вуд на седницата рече дека САД не поддржуваат итен прекин на огнот.

„Иако САД силно поддржуваат траен мир, во кој и Израелците и Палестинците можат да живеат во мир и безбедност, ние не ги поддржуваме повиците за итен прекин на огнот. Тоа само ќе го посее семето на следната војна бидејќи Хамас не сака траен мир“, рече Вуд пред Советот за безбедност на ОН.

САД се една од постојаните членки што имаат право на вето на резолуцијата. Советот за безбедност на ОН подоцна денеска ќе гласа за резолуцијата претставена од Обединетите Арапски Емирати, која повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот во Газа“. САД досега постојано се противеа на меѓународните повици за прекин на огнот и се очекува да гласаат против резолуцијата.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен го повика Израел да стори повеќе за заштита на цивилите. Тој рече дека постои „јаз“ меѓу ветувањата и нивното спроведување на терен. Шефот на ОН Антонио Гутереш на седницата рече дека насилството на Хамас „во никој случај“ не го оправдува „колективното казнување“ на Палестинците, барајќи од Советот за безбедност да одлучи за итен прекин на огнот.

„Безрезервно ги осудувам нападите на Хамас на 7 октомври, но насилството на Хамас под никакви околности не може да го оправда колективното казнување на палестинскиот народ“, рече тој.

„Светот и историјата не набљудуваат. Време е да се дејствува“, додаде тој пред членовите на Советот за безбедност, барајќи од нив да се залагаат за итен хуманитарен прекин на огнот.

Во многу краткиот текст се повикува и на заштита на цивилите, итно и безусловно ослободување на заложниците и обезбедување хуманитарен пристап.

На почеток