Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека е потребно Израел да ги преземе сите неопходни чекори за да не се прошири конфликтот на Блискиот Исток.
„Државниот секретар Блинкен разговараше по телефон со член на воениот кабинет на Израел, министерот Бени Ганц. Двајцата разговараа за сегашните напори да се овозможи безбедно враќање на сите преостанати заложници, да се зголеми нивото на хуманитарна помош и да се спречи ширењето на конфликтот“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Тој изјави дека Блинкен ја нагласил итната потреба да се преземат позитивни чекори за деескалација на тензиите на Западниот Брег и истакна дека Израел мора да ги преземе сите мерки за да избегне цивилни жртви.
„САД остануваат посветени на преземање опипливи чекори кон формирање на палестинска држава“, посочи Блинкен.
Ганц изјави во понеделникот вечерта дека разговарал со Блинкен и истакнал дека меѓународната заедница мора да се погрижи државата Либан да ги запре нападите на Хезболах врз Израел.