Македонија

Народниот правобранител во затворот во Шутка, проверува дали им се почитуваат правата на осомничените за убиствата на Вања и Панче

Тим на Народниот правобранител влезе во затворот „Скопје“ во Шутка, за да провери дали им се прекршени правата на осомничените лица за киднапирање и убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, како и на лицата осомничени за помагање при извршувањето и бегството на осомничениот Љупчо Палевски-Палчо, дознава „Скопје1“. Тимот кој влегол во затворот, се интересира за состојбата на ќелиите во кои осомничените се сместени, нивната здравствена состојба, како и во каква состојба го издржуваат притворот.

„Скопје1“ побара објаснување од Народниот правобранител, Насер Зибери, зошто се решиле на надзор токму кај осомничените за двете убиства. Прашања испративме и до неговиот тим, од каде чекаме нивен став на прашањето – дали е оправдан впечатокот дека надзори вршат само кај притвореници од високопрофилни случаи, како и високопрофилни притвореници. Оттаму најавија и очекуваме одговор. [дополнување – одговори на прашањата]

Проверките дали во затворот им се почитуваат правата на Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, како и на осомничените за помагање, Александар Ѓорчевски и Стефан Димковски, доаѓа по само осум дена откако тие завршија во притвор. Тројца од нив, односно, Манев, Кешишев и Видевски признаа вина и што правеле при киднапирањата и убиствата. Обвинителството побара, судот одобри притвор поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.

 

Сите моменти од истрагата за убиствата на Вања и Панче, можете да ги проследите тука.

На почеток