Доверлив американски извештај проценува дека 315 илјади Руси се убиени или ранети во војната во Украина, или речиси 90 отсто од војниците од почетокот на конфликтот, откри за Ројтерс извор близок до разузнавачката заедница. Во извештајот се вели дека загубата на руски воен персонал и оружје ја врати модернизацијата на руската војска 18 години наназад, тврди изворот. Руската амбасада и руското Министерство за одбрана се уште не ги коментираат пишувањата.
Руските власти често велат дека западните проценки за загубите во војната се значително претерани и дека бројот на украинските жртви е потценет.
Во извештајот се наведува дека Русија ја започнала својата инвазија со 360.000 луѓе. Поради големите загуби, Москва мораше да ги релаксира критериумите за регрутирање и да испрати осуденици и постари цивили во армијата. Се проценува дека 2.200 од 3.500 тенкови биле изгубени. Уништени се и 4.400 од 13.600 пешадиски борбени возила и оклопни транспортери, што претставува стапка на загуби од 32 отсто.
Руската армија сè уште има 1,3 илјади оклопни возила на бојното поле и затоа мора да ги зајакне своите линии со тенкови Т62 произведени во 1970-тите, се вели во извештајот. Киев, исто така, го крие бројот на загинати, тврдејќи дека тоа е државна тајна што може да ги загрози неговите воени напори. Во август, Њујорк Тајмс, повикувајќи се на американски официјални претставници, напиша дека околу 70.000 Украинци загинале.