Свет

Орбан: Ќе го тргнам ветото за помошта за Украина, но под еден услов

Орбан: Ќе го тргнам ветото за помошта за Украина, но под еден услов

Лидерите на земјите членки на Европската унија ќе се соберат во четврток и петок во Брисел на самитот кој сигурно е еден од најнеизвесните во последните неколку години. На дневен ред е проширување и ревизија на седумгодишниот буџет, две теми за кои се уште нема консензус. Во центарот на вниманието ќе биде унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се заканува дека ќе стави вето на клучните одлуки.

dobivaj vesti na viber

Лидерите треба да одлучат за препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија. Иако оваа препорака е поддржана од 26 земји-членки, не е сигурно дека ќе биде усвоена бидејќи Унгарија се заканува со вето. Сепак, од Будимпешта доаѓаат сигнали дека би можеле да ја укинат блокадата за помошта за Украина доколку ЕУ ги одмрзне средствата кои се замрзнати поради проблеми со владеењето на правото и демократските стандарди.

Помош за Украина

Балаш Орбан, политички директор во кабинетот на премиерот Виктор Орбан, во интервју за Блумберг изјави дека се подготвени да го укинат ветото за помошта за Украина, но под услов сите замрзнати средства, кои се околу 30 милијарди евра, да бидат одмрзнати.

Комисијата утре треба да ја соопшти одлуката за одмрзнување на 10 милијарди евра како награда за спроведените реформи во областа на правдата. Одлуката е веќе подготвена и се чека новите закони да бидат објавени во службениот весник во Унгарија, а од Комисијата велат дека тоа нема врска со претстојниот самит, туку дека само ги следат прописите.

Сепак, прашање е дали тоа ќе биде доволно за Виктор Орбан бидејќи нешто помалку од 12 милијарди остануваат замрзнати поради проблемите поврзани со заштитата на човековите права, јавните набавки и академската слобода. Остануваат и 10,4 милијарди евра грантови и поволни заеми од фондот за закрепнување од пандемијата, кои се исплаќаат по спроведувањето на одредени реформи.

На почеток