Обвинителска солидарност или други интереси, по пет и пол години казната за Гешковска, Цветановски и Биковски поради „27 април“ – во фиока
Кој намерно ја кочи и саботира седницата на Советот на јавни обвинители, на која треба конечно да расправа и донесе одлука за казната за поранешната шефица на Скопското обвинителство Гордана Гешковска, нејзиниот тогашен заменик Јован Цветановски и тогашниот шеф на обвинителството за организиран криминал Златко Биковски, за непостапување на „крвавиот четврток“ во Собранието.
Петчлената дисциплинска комисија при Јавното обвинителство одлучи дека соодветна казна е тие половина година да земаат само 30% помала плата, поради тоа што биле пасивни и не ги презеле потребните истражни дејствија. Критичниот ден не бил веднаш направен увид во Собранието и не биле собрани доказите, наводно поради безбедноста на обвинителите, а не бил свикан ниту Колегиум во кој членуваат и виши обвинители.
Увидот бил направен следниот ден од двајца обвинители. Дотогаш веќе биле изнесени компјутерските хард дискови со снимките од Законодавниот дом. Тројцата обвинители никогаш не добија ниту денар помалку при земањето плата, бидејќи одлуките не беа конечни. До Советот на јавни обвинители се жалеше државниот обвинител Љубомир Јовески кој побара построга казна поради непостаувањето на обвинителите.
Оттогаш се одржаа многу седници на Советот, се сменија претседатели и членови, но оваа точка никако да се најде на дневен ред. За потсетување, многу побрзо се одвиваше дисциплинската постапка за Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска. Дали членовите на Советот демонстрираат солидарност и не сакаат да се замерат со фелата или има други интереси, никој не открива. Наводниот проблем со немање кворум е одамна надминат и не можат сега ни на ова да се правдаат со на оваа онолност. Очигледно, Советот кога сака и разрешува и казнува, но знае под разни изговори до бесконечност да бега и да се крие.
Гордана Гешковска на јавноста и е позната по предметите што ги водеше како обвинител за организиран криминал, меѓу кои „Бачило“, „Пајажина“ против газдата на А1 телевизија Велија Рамковски, потоа „Монструм“, „Изгрев“, „Змиско око“. За договорите за нејзин избор чувме во прислушуваните разговори.
Јован Цветановски е познат по спротивставувањето на предметниот обвинител Љубмоир Лапе кој го водеше предметот „Тортура“ и ја поддржа ослободителната во којшто беше обвинет и ослободен поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков,. Пред Апелациониот суд побара да се укине првостепена пресуда за случајот „Талир 2“ и предметот да се врати на повторно одлучување.
Златко Биковски, беше разрешен од Обвинителството за организиран криминал и корупција и беше вратен како заменик во обвинителството Берово.Во меѓувреме се кандидира за разни унапредувања, а имаше интерес да биде член на Антикорупциска во претходниот состав.
Случајот со тројцата обвинители трае „само“ 5 и пол години.