Свет

Јужна Кореја, САД и Јапонија со осуда кон Северна Кореја за истрелувањето проектили

Јужна Кореја, САД и Јапонија со осуда кон Северна Кореја за истрелувањето проектили

САД, Јужна Кореја и Јапонија денеска го осудија најновото севернокорејско лансирање балистички ракети, оценувајќи дека тоа ја зголемува заканата за мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров и меѓународната заедница.

dobivaj vesti na viber

Северна Кореја утрово ја истрела втората балистичка ракета во последните два дена во морето, во близина на нејзиниот источен брег, соопшти јужнокорејската војска.

Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека најверојатно станува збор за интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) способна да прелета повеќе од 15.000 километри и да погоди цели на „целата американска територија“.

Ракетата летала околу 1.000 километри пред да падне во Јапонското море, но според пресметката заснована на неговата траекторија и тежината на боевата глава, може да има капацитет на летање од повеќе од 15.000 километри и во тој случај цела територија на САД би била во домет, изјави јапонскиот официјален претставник Шинго Мијаке.

Новото лансирање дојде откако Јужна Кореја објави дека Северна Кореја тестирала балистичка ракета со краток дострел во морето во неделата и продолжила со тестирање на оружјето.

Во изјавата, портпаролот на Стејт департментот го осуди Пјонгјанг за лансирање балистички ракети, наведувајќи дека тие претставуваат кршење на неколку резолуции на Советот за безбедност на ОН.

Тој додаде дека лансирањето претставува закана за соседите на Северна Кореја и „ја поткопува регионалната безбедност“.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска изјави дека двете најнови лансирања на севернокорејски проектили, од кои едното најверојатно е ICBM, претставуваат „закана за мирот и стабилноста во регионот“ и дека Јапонија „остро ги осудува“. Тој исто така посочи дека со тоа се прекршуваат санкциите на Советот за безбедност на ОН против Пјонгјанг.

Јужнокорејското претседателство денеска по вонредниот состанок на Советот за национална безбедност соопшти дека „цврсто го осудува“ новото лансирање на интерконтинентална балистичка ракета од страна на Северна Кореја, која, како што е наведено, „создава сериозна закана за мирот и безбедноста на Корејскиот Полуостров и меѓународната заедница“.

На почеток