Се уште се бараат докази за убиството на Вања и Панче – низа прашања неодговорени
„Се прибираат докази“, ова е одговорот на Обвинителство на сите прашања поврзани со случаите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Отааму го потврдија сознанието на „Скопје1“ дека извештајот од обдукцијата не им е доставен. Во телефонски разговор, Обвинителството за „Скопје1“ посочува дека иако го немаат официјалниот извештај, тие ги имаат сите информации од обдукцијата, бидејќи истите редовно се разменувале помеѓу обвинителката и Институтот за судска медицина.
„Јавното обвинителство е во фаза на прибирање на сите докази. Извештајот од Институтот за судска медицина не е официјално доставен до обвинителството“, велат од Обвинителството.
Неодговори останаа прашањата, дали има совпаѓања на трагите најдени на конфискуваните два пиштоли, со ДНК од некој од осомничените. Молк и дали има совпаѓање на ДНК-то на Љупчо Палевски-Палчо, со најденото ДНК на повеќе проверени локации. Не се знае ни дали Вања била убиена со огненото оружје или претходно била почината Од Обвинителството посочуваат дека на ова ќе се одговори кога ќе се заврши истрагата.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
За нивното убиство и помагање за бегство, засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот Љупчо Палевски се чека да биде екстрадиран од Турција.
Сите очи вперени во истрагата за Вања: обдукциониот наод уште не е доставен во Обвинителство