Магазин

Промоција на бугарското издание на романот „Турнеја“ од Сашо Огненовски во КИЦ на РСМ во Софија

Промоција на бугарското издание на романот „Турнеја“ од Сашо Огненовски во КИЦ на РСМ во Софија

Денеска, од 18:30 часот, во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија, ќе се одржи промоцијата на бугарското издание на романот „Турнеја“ (из. „Изида“) од македонскиот писател Сашо Огненовски. Романот ќе биде претставен од издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев, преведувачот Маријан Петров и од самиот автор Сашо Огненовски.

dobivaj vesti na viber

Што се случува кога театар раководен од фатени за гуши медиокритети ќе тргне на светска турнеја?

Романот „Турнеја“ е безмилосна сатира за проблемите во театарската институција. Уметноста е уништувана малку по малку од желните за власт псевдоинтелектуалци.

Брилијантно конструираните ликови на Сашо Огненовски ги доживуваат своите лични трагедии на фонот на непрестаен распад, придружен со многу хумор и иронија. А загатката за тоа кој е мистериозниот Азазел (или Арлекин или Бегемот) којшто потпишува смртни пресуди зад сцената го држи читателот на нокти до последната страница.

Кој ќе преживее последен? Тоа е прашањето.

Сашо Огненовски (1964, Битола) е актер, режисер и писател. Дипломирал на Факултетот за театарска уметност во Скопје 1987 година. Магистер по PR и медиуми. Работел како наставник на Педагошкиот факултет во Битола. Има над 100 улоги во Народниот театар во Битола. Автор е на над 10 книги поезија, проза, драми и истражувања.

На почеток