Македонија

Три денари интервентна субвенција за производителите на јаболка

Интервентна субвенција од три  денари за килограм ќе добијат производителите на јаболка што ќе го предадат своето производство кај регистрирани откупувачи најдоцна до 25 декември годинава по цена не повисока од пет денари за килограм, одлучи Владата на денешната седница.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, со новата субвенција не само што ќе им се овозможи на земјоделците да имаат рентабилно производство, туку ќе се создадат услови и за откуп на целата количина произведени јаболка.

– Владата ја донесе оваа одлука за да им се излезе во пресрет на производителите на јаболка особено во преспанскиот регион, кои претрпеа големи штети врз производството поради временските непогоди. Поради штетите од врнежите на град во преспанскиот регион каде се засадени поголеми површини со јаболко и има оштетување на голем дел од плодот, економската вредност на родот е намалена и може да се употреби исклучиво за индустриска преработка – наведува Министерството.

Проценките се дека поголема количина индустриско јаболко нема да може целосно да се преработи во преработувачките капацитети.

– За да се овозможи откуп на целата количина, Владата одлучи да се воведе оваа нова субвенција од три денари за килограм која е резултат на повеќето средби кои министерот за земјоделство Љупчо Николовски заедно со тимот од МЗШВ ги одржа изминатиов период со производителите и откупувачите на јаболка – стои во соопштението.

Се дополнува и дека денешната нова субвенција е петта мерка која Министерството за земјоделство ја носи за овоштарството.

МЗШВ потсетува дека годинава за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување овошни насади за земјоделците со развоен потенцијал, а за реконструкција кај овошните насади, особено кај јаболката за промена на асортимент, се воведе нова поголема субвенција од 9.900 денари. За промена, пак, на производството од житни во овошни култури земјоделците ќе добијат 30 отсто повисока субвенција по хектар. Дополнително, во годинашната Програма субвенцијата за предадено овошје во преработувачки капацитети за овошје е зголемена од два на три денари за килограм.

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток