Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека северот на Газа останал без ниту една функционална болница поради недостиг од гориво, персонал и медицински материјали.
Само девет од 36 здравствени установи се делумно функционални во цела Газа, соопшти СЗО, пренесе Ројтерс. Сите овие објекти се концентрирани на југот на енклавата.
Всушност, нема повеќе функционални болници на север (Газа) – рече Ричард Пеперкорн, претставник на СЗО во Газа на новинарите преку видео врска од Ерусалим.
Тој изјави дека болницата „Ал-Ахли“ е последната болница, која е минимално функционална, продолжува да лекува пациенти, но не прима нови.
Околу 10 вработени, лекари-приправници и медицински сестри, продолжуваат да обезбедуваат прва помош, нега на рани со оскудни ресурси, рече Пеперкорн.
„До пред два дена беше единствената болница во која можеа да се оперираат повредените во северниот дел на Газа, а беше преплавена со пациенти на кои им беше потребна итна помош“, рече тој.
Според него, нема повеќе операциони сали поради недостиг на гориво, струја, медицински материјали и здравствени работници, меѓу кои и хирурзи и други специјалисти.
Некои пациенти во „Ал-Ахла“ чекаа со недели на операции или доколку ги оперираат, се соочуваа со ризик од постоперативна инфекција поради недостиг на антибиотици и други лекови.
„Сите овие пациенти не можат да се движат и мора итно да бидат префрлени за да имаат шанса да преживеат“, рече Пеперкорн, повторувајќи го повикот на СЗО за хуманитарен прекин на огнот.